Бугарија и Италија помогнале за враќањето во функција на радарот на скопскиот аеродром
Бугарија и Италија помогнале за враќањето во функција на радарот на скопскиот аеродром. Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно беше ставен во функција и проблемот е решен за само три дена. Сите безбедносни протоколи се испочитувани овие денови и сообраќајот се одвива безбедно. Проблемот постои триесетина години, зошто претходната Влада седум години не го решила проблемот и зошто не е инсталиран новиот радар кој е набавен, – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на Кавадарци.
„Од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што можеби не и беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација, на повеќе ресори од Владата, како и со активна работа на раководството на М-НАВ, како и во пријателска работа и помошта од контролата за летање од Бугарија, како и Владата на Италија успеавме да најдеме решение и сега двата канали се во функција”, истакна Николоски.
