Бугарија и Полска ја прошируваат одбранбената соработка
Потенцијалот за проширување на соработката меѓу Бугарија и Полска во одбраната и одбранбената индустрија беше тема на средбата меѓу заменик-министерката за одбрана Катерина Граматикова-Иванова и заменик-министерката за национална одбрана на Полска, Магдалена Собковјак-Чарнецка, која е во официјална посета на Бугарија со владина и бизнис-делегација, јавува Прес-центарот на Министерството за одбрана на Бугарија.
Граматикова-Иванова ги истакна одличните односи и долгогодишното партнерство меѓу двете земји како основа за идни модернизациски проекти во согласност со иницијативите на НАТО и ЕУ за зајакнување на Источното крило на Алијансата.
Собковјак-Чарнецка изјави дека Полска може да придонесе со значителна технолошка, индустриска и оперативна додадена вредност во одбранбениот сектор и изрази подготвеност за тесна соработка со бугарските институции и индустријата.
Од бугарска страна беа претставени големите модернизациски проекти за Бугарската армија и деветте проекти со кои земјата аплицирала за финансирање преку механизмот SAFE, со акцент на учеството на бугарски претпријатија.
Можности за соработка има и во воено-техничката област, ремонтот на воздухопловна техника, вселенските технологии, беспилотните вооружени системи и военото образование.
