Вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Даниил пристигнаа во Рилскиот манастир за празникот на свети Иван Рилски
Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој престојува во посета на Бугарија, и бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил пристигнаа во Рилскиот манастир за одбележувањето посветено на свети Иван Рилски, јавува БТА.
Денеска во Рилската света обител со свечени богослужби се одбележуваат празникот на манастирот и денот кога Бугарската православна црква го чествува споменот на преподобен Иван Рилски Чудотворец, небесен покровител на бугарскиот народ.
На 19 октомври Црквата го одбележува пренесувањето на моштите на светецот од Рила во Средец. Годинашните чествувања се во знакот на 1150 години од неговото раѓање и 1080 години од неговото упокојување.
Вартоломеј и Даниил беа пречекани на Дупничката порта во манастирот од архијереи на Бугарската православна црква, меѓу кои Варненскиот и Великопреславски митрополит Јован, Неврокопскиот митрополит Серафим, Врачанскиот митрополит Григориј, Сливенскиот митрополит Арсениј и игуменот на Рилскиот манастир, Адријанополскиот епископ Евлогиј.
Празничните богослужби почнаа синоќа со вечерна молитва која траеше до 3:00 часот наутро. Во главниот манастирски храм се служи празнична патријаршиска соборна света литургија.
