Македонија ја доби својата aliexpress верзија на Динко В’лев, со таа разлика што додека „мераклијата“ да го тепа Миленко, им се дереше на мигрантите од Сирија „Гоу бак ту Турки“, овој нашиов убавец на мајка, загрижен за здравствената состојба на популацијата, со „гоу ту Кина“ бркаше група луѓе од Јужна Кореја, дошле во Македонија да ја учат младината на мир и толеранција. Тие милите, „културно“ беа повикани да се вратат во Кина… оти биле коронаши, што и да значи тоа.
Не многу одамна Динко, имаше статус на херој во соседна Бугарија. Медиумите се погрижија за тоа. Го нарекуваа „Ловецот на мигранти“, иако единственото нешто со коешто се прослави беа „свинските опашки“ на рацете на исплашените од војната во Сирија луѓе, кои ја имаа несреќата да попаднат на таков темен балкански супермен.
Се плашам дека ќе почнеме да ги хероизираме ваквите жални и жедни за внимание ликови. Токму затоа и ги пишувам овие редови.
Помнам како го хероизираа Боки, кога преку „Меѓународниот сојуз“ плаќаше кирии на социјални случаи и им купуваше храна. Тогаш Боки беше добар, а денес речиси сите му вртат грб. Дури Лила. Таа милата, не била скарана со него, ама веќе не биле другари. Можеби ради стресот што го преживеала додека го апсеа „хуманитарецов“ на граница. Плус сега тоа шетањето по рочишта и смета на угледот, а таа истиот го има градено со години.
Во однос на вртењето грб, само ќе потсетам дека Латас не се направи на луд, кога Заев му гостуваше во вестите и го прашуваше за „бомбите“ со Мијалков. Што рече „началничето“ се сеќавате? Беше нешто од типот: Другари сме со Мијалков, ќе си збориме како што ни е ќеиф- во превод: што те боли тебе кур како јас и другар ми Сашо си правиме муабет. Машки издржа Латас, а и него го шетаа по судници.
Заедница на која и недостасува машкост за да се соочи со реалноста, многу често е подложна на манипулации од типот ликови како Динко да и станат херои. Денеска сите го плукаат лигушот со Азијците од вчерашното грозно видео, ама утре, ако продолжи лудилово, нема никакви гаранции дека нашиот праг на нетрпеливост кон сељачизмот ќе остане ист.
Ако ви текнува, Катица и Фатиме ќе стануваа градоначалнички и претседателки. Беа хероини, на македонскиот сон за правда. Денес Катица сите знаеме каде е, а пак Фатиме во еден момент се чудеше како да ги оправда „бонусите за чување тајна“.
Не остана ништо од Чарлиевите ангели, нивните aliexpress верзии не стигнаа дури до враќање во Кина, останаа овде… а кај нас не е препорачлив брзиот пад од коњ на кокошка. Сеирџиите јадат со се партали.
Да се потрудиме да си ја зачуваме менталната хигиена, оти пак ќе повторам, ако не ја исечеме од корен појавата на „динковци“ во Македонија, ќе треба ние да бегаме во Кина.
Автор: Атанас Величков