| |

Во Будимпешта почна 21-та Светска средба на бугарските медиуми

Дваесет и првата Светска средба на бугарските медиуми, организирана од Бугарската телеграфска агенција (БТА), ќе биде отворена денеска, 19 октомври, во Будимпешта. Годинешната тема е „Медиуми и лидери“, а форумот ќе се одржи во Будимпешта и Естергом на 19 и 20 октомври, јавува БТА.

На средбата, со физичко и онлајн учество, се очекуваат претставници од 25 држави, вклучително и Бугарија. Меѓу нив се 47 новинари од 32 медиуми и редакции на бугарски јазик во светот, претставници на две медиумски асоцијации, како и дописници на БТА во странство. Учество потврдиле и девет претставници на пет медиуми од Бугарија.

Отворањето се одржува на 19 октомври, денот кога Бугарската православна црква го одбележува споменот на свети Иван Рилски Чудотворец. Во 2026 година се навршуваат 1080 години од неговото упокојување и 1150 години од неговото раѓање. Годинава се одбележуваат и десет години од одлуките на парламентите во Софија и Будимпешта со кои 19 октомври беше прогласен за Ден на бугарско-унгарското пријателство.

Изборот на Унгарија за домаќин е поврзан и со историјата на свети Иван Рилски, чии мошти во 1183 година биле пренесени во тогашниот Гран, денешен Естергом, а во 1187 година биле вратени во Средец. Во чест на Денот на бугарско-унгарското пријателство, на 19 октомври 2016 година во базиликата „Успение на Пресвета Богородица и Свети Адалберт“ во Естергом била откриена двојазична спомен-плоча посветена на светецот.

Програмата денеска почна во 9:00 часот по локално време со посета на унгарскиот парламент и средба со Мартон Хајду, претседател на Комисијата за надворешна политика на парламентот. Во 11:30 часот во зградата „Баранкович“ ќе биде отворена изложба по повод Денот на бугарско-унгарското пријателство.

Почетокот на Светската средба ќе биде означен во 14:00 часот со положување цвеќе пред спомен-плочата на свети Иван Рилски во базиликата во Естергом и молебен што ќе го отслужат Западно- и Средноевропскиот митрополит Антониј и епископскиот делегат за Естергомската базилика, отец Чаба.

Официјалното отворање е закажано за 18:30 часот во Бугарскиот културен институт во Будимпешта. Поздравни обраќања ќе имаат, меѓу другите, заменик-претседателот на Народното собрание на Бугарија Иван Ангелов, министерот за образование и наука на Бугарија проф. д-р Георги В’лчев, митрополитот Антониј и претставници на бугарската заедница во Унгарија. Милена Димитрова, секретар за култура, образование и врски со Бугарите во странство кај претседателката Илијана Јотова, ќе прочита поздравно обраќање од шефицата на државата.

Во Бугарскиот културен институт ќе бидат отворени и изложбите „Срцето на Бугарија. Ремек-дела од Рилската света обител“ и „Поврзани преку зборот“.

Слични Објави