Бугарскиот воен научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ одбележа пет години служба
Со свеченост беше одбележана петгодишнината од приемот на воениот научноистражувачки брод НИК 421 „Св. св. Кирил и Методиј“ во составот на бугарското Високо военоморско училиште. За пет години бродот поминал речиси 100.000 наутички милји и реализирал четири експедиции на Антарктикот, јавува Армимедија.
НИК 421 обезбедувал логистичка поддршка за бугарските поларни истражувачи, придонел за целосно обновување на бугарската антарктичка база и прераснал во платформа за значајни меѓународни истражувања во Јужниот Океан.
Командантот на бродот, капетан втор ранг Радко Муевски, изјави дека екипажот веќе има солидно искуство и дека подготовките за следната експедиција се во тек. Покрај логистичката мисија, планирани се нов проект кај Јужните Шетландски Острови и мерења на морските струи во областа на Антарктичкиот Полуостров.
Основниот екипаж го сочинуваат 28 воени морнари, а за време на пловидбите им се приклучуваат и питомци на практична обука.
