| |

Бугарија и Словачка ќе формираат заедничка комисија за нуклеарна енергија

Бугарија и Словачка ќе формираат заедничка комисија за размена на искуства, научна експертиза и правни прашања во областа на нуклеарната енергетика, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев по средбата со словачкиот премиер Роберт Фицо во Софија, јавува БГНЕС.

Радев најави дека министрите на двете земји наскоро ќе се состанат за да ја воспостават комисијата. Тој потсети дека и Бугарија и Словачка преговараат со „Вестингхаус“ и оцени дека сложените нуклеарни проекти бараат поголема соработка меѓу двете држави.

„Не само што ќе создадеме заедничка комисија за споделување научна експертиза и правни прашања, туку разговаравме и за можноста заеднички да настапуваме пред производителите и добавувачите на вакви сложени системи“, изјави Радев.

Тој нагласи дека без нуклеарната енергија тешко може да се постигнат еколошките цели на Европската Унија, додавајќи дека нуклеарните централи стануваат значајни и за развојот на дата-центрите и инфраструктурата за вештачка интелигенција.

Фицо оцени дека Европа се наоѓа во „ренесанса на нуклеарната енергија“ и дека затворањето нуклеарни реактори било голема грешка. Двајцата премиери ја изразиле амбицијата Бугарија и Словачка да се позиционираат меѓу водечките земји во оваа област.

На средбата биле разгледани и прашања поврзани со енергетските испораки, одбраната и кохезионата политика на ЕУ.

Во однос на војната во Украина, Радев и Фицо изјавиле дека конфликтот нема воено решение. „ЕУ има потреба од повеќе дипломатија“, рече словачкиот премиер.



Слични Објави