| |

Бугарија извезла оружје во вредност од 13 милијарди лева од почетокот на војната во Украина

Бугарската воена индустрија од почетокот на руската инвазија врз Украина извезла оружје во износ од 13 милијарди лева, јавува бТВ, пренесува БГНЕС.

Според министерот за економија, Петар Дилов, военото производство се претворило во двигател на економскиот раст на земјата и веќе учествува со над 4% во бугарскиот БДП. „Производството на муниција и воена техника по 2022 година се претвори во значаен дел од нашата економија“, нагласи тој.

Посебен пример е државната фабрика ВМЗ – Сопот, каде приходите пораснале од 191 милион лева во 2021 година на 900 милиони лева минатата година, со очекување да ја надминат психолошката граница од една милијарда лева во 2025 година. Во компанијата се вработени околу 5000 лица, а само во последната година бројот на работници е зголемен за речиси 350. Просечната бруто плата во ВМЗ изнесува 2500 лева.

Министерството за економија истакнува дека благодарение на речиси вековната традиција во воената индустрија и постојните производствени капацитети, Бугарија се претвори во клучен играч во зајакнувањето на европската одбрана.

Од вкупните 13 милијарди лева приходи од извоз на воена опрема од почетокот на војната, 10 милијарди се остварени по 2022 година, што претставува значителен раст во споредба со претходните години. Така, Бугарија помага на Украина индиректно – преку продажба на оружје – а истовремено профитира и обезбедува стабилен извор на приходи за цели региони во земјата.



Слични Објави