Бугарскиот министер за одбрана Стојанов повика на поблиска координација со Романија и Турција по нападите врз трговски бродови во Црното Море
Министерот за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов, денеска оствари телефонски разговори со заменик-претседателот на Владата и министер за национална одбрана на Романија, Раду Мируца, и со министерот за национална одбрана на Турција, Јашар Ѓулер.
Главна тема во двата разговора беше безбедносната состојба во Црноморскиот регион во контекст на ноќешните инциденти, во кои беа погодени два трговски брода. Министерот Стојанов изјави дека бугарската влада ги осудува нападите врз трговски бродови во Црното Море како грубо прекршување на меѓународното поморско право, јавува БГНЕС.
„Ситуацијата во Црното Море станува сѐ посложена и бара од нас, како сојузници, засилени, координирани дејства. Гарантирањето на безбедноста и слободата на пловидбата во регионот е од заеднички интерес и наша заедничка одговорност. Само преку ефикасна размена на информации, засилен надзор и тесна координација можеме да одговориме на растечките ризици и да ја заштитиме безбедноста во Црното Море“, нагласи Стојанов, цитиран од прес-центарот на Министерството за одбрана.
Бугарскиот министер за одбрана ги повика своите колеги на заеднички дејства за засилување на надзорот и размената на разузнавачки информации меѓу трите држави и структурите на НАТО.
Тројцата министри изразија подготвеност за продлабочување на соработката и за координирани дејства за зачувување на безбедноста на пловидбата во Црноморскиот регион.
