Во Софија откриен бронзен барелјеф на бугарскиот генерал Иван Колев
Бронзен барелјеф на бугарскиот генерал-потполковник Иван Колев беше свечено откриен на 12 октомври на булеварот „Витоша“ во Софија, објави „Бугарски воен журнал“ на својата фејсбук-страница.
Иницијативата за поставување на спомен-плочата е на граѓанското здружение „Генерал-потполковник Иван Колев“, а средствата за нејзината изработка се собрани преку донации. Во изработката учествувале скулпторот Иван Тотев и архитектот Стојан Стојанов.
Колев е еден од истакнатите бугарски војсководци, познат по победите на бугарската коњица на Добруџанскиот фронт во Првата светска војна, се наведува во објавата.
Роден е во бесарапското бугарско село Бановка, а военото образование го стекнал во Софија. Во 1916 година, за време на борбите за Добрич, ја предводел коњицата во судирите со романските, руските и српските трупи.
Според „Бугарски воен журнал“, неговите дејства имале значаен придонес за враќањето на Јужна Добруџа под бугарска контрола, откако Бугарија ја загубила територијата по Втората балканска војна во 1913 година.
