Додик ќе го изгуби дипломатскиот пасош на БиХ
Милорад Додик ќе го изгуби дипломатскиот пасош на Босна и Херцеговина, потврди министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ за Радио Слободна Европа, пренесува БГНЕС.
Од Министерството појаснуваат дека Додик е должен да го врати документот во рок од 15 дена. Доколку тоа не се случи, Граничната полиција и дипломатско-конзуларната мрежа ќе бидат известени дека пасошот е поништен.
Одлуката следи еден ден по официјалното завршување на неговиот мандат, откако Судот на БиХ дефинитивно ја одби жалбата на адвокатот на Додик против решението на Централната изборна комисија (ЦИК) за одземање на функцијата.
Според Изборниот закон, ЦИК мора да распише вонредни избори за претседател на Република Српска, кои треба да се одржат во рок од 90 дена. Мандатот на новоизбраниот претседател ќе важи до редовните избори закажани за октомври идната година.
ЦИК ја донесе оваа одлука само неколку дена откако Судот на БиХ во почетокот на август го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции, поради непочитување на одлуките на Високиот претставник на меѓународната заедница во земјата.
