Во седиштето на ООН откриен споменикот „Цвеќето на Сребреница“ во чест на жртвите од геноцидот
Во седиштето на Организацијата на обединетите нации во Њујорк беше откриен споменикот „Цвеќето на Сребреница“, меморијален симбол посветен на жртвите од геноцидот извршен од српските сили во јули 1995 година, јавува БГНЕС.
Автор на меморијалот е босанскиот уметник Аднин Хебиб, чија инсталација веќе се смета за значаен придонес во меѓународното одбележување на трагедијата.
На свеченото откривање присуствуваа претседателката на здружението „Мајки од Сребреница и Жепа“, Мунира Субашиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Бечировиќ и Жељко Комшиќ, како и министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Во Сребреница и околните села во источна Босна силите на Армијата на Република Српска убиле 8 372 мажи и момчиња, а од тогашната заштитена зона на ООН биле протерани повеќе од 25 000 жени, деца и стари лица. Во меморијалниот центар во Поточари досега се погребани 6 772 идентификувани жртви.
Пред меѓународните и домашните судови за геноцидот и воените злосторства во Сребреница се осудени повеќе од 50 лица, со вкупно изречени казни од околу 780 години затвор.
Меѓу осудените се и поранешните воени и политички лидери на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои добија доживотни казни.

