Наближува крајниот рок за пријавување за конкурсот за Претседателската награда „Џон Атанасов“ во Бугарија
Остануваат уште три недели до крајниот рок – 10 септември 2025 година, за учество во годишниот конкурс за престижната награда „Џон Атанасов“ на претседателот на Република Бугарија, јавува пресцентарот на бугарскиот претседател.
Иницијативата го носи името на светски познатиот пронаоѓач од бугарско потекло Џон Атанасов – креатор на првиот електронски дигитален компјутер со регенеративна меморија.
Наградата е насочена кон млади истражувачи во областа на компјутерските науки, автори на проекти со висок општествен придонес, како и кон студенти и ученици со успешни дебитантски разработки.
Од 2003 година, кога започна иницијативата, наградата „Џон Атанасов“ им се доделува на млади бугарски научници и истражувачи за нивните исклучителни достигнувања на светско ниво. Меѓу лауреатите се наоѓаат и раководители на истражувачки центри на водечки меѓународни компании и институти во областа на информатиката.
Учесниците во конкурсот ќе се натпреваруваат за признанија во следните категории:
- Награда „Џон Атанасов“ на претседателот на Република Бугарија;
- Две Грамоти „Џон Атанасов – ученици и нивните наставници“ – едната за успех на тим ученик-наставник на меѓународни олимпијади по информатика, другата за олимпијади по информатички технологии;
- Грамота „Џон Атанасов – проект со висок општествен придонес“;
- Грамота „Џон Атанасов – дебитантски пробив во областа на компјутерските технологии“;
- Грамота „Џон Атанасов – инспиратор и создавач на таленти“.
Добитниците на наградата и грамотите ги определува жири составено од врвни бугарски научници и експерти во областа на компјутерските науки.
