БУГАРИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПЛУС 700 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ ПО 2020 Г.

Бугарија ќе добие 700 милиони евра повеќе од европскиот буџет. Тоа стана јасно по објавувањето на распределбата на средствата, што Европската комисија ја предлага за временскиот период 2021-2027 г.

Водечкиот принцип за распределбата на парите останува бруто домашниот производ на глава од населението, но кон него се додаваат и следните критериуми: нивото на невработеност кај младите, нивото на образование, климатските проблеми и интеграцијата на емигрантите.

Целосниот буџет за кохезиона политика за периодот 2021-2027 ќе изнесува 373 милијарди евра, или со 7 % помалку од досегашниот буџет.

Се очекува денеска ЕК да ги објави правилата за пристап до парите, што ќе бидат наменети за земјите што ќе го воведат еврото како како национална валута и ќе продолжат со примената на реформите на повеќе полиња.

Идејата на ЕК е со парите да бидат стимулирани владите на земјите, што се надвор од Еврозоната со цел тие да продолжат со примена на структурните реформи посебно во економијата.