| |

Бугарија ќе развива национална политика за кариерно насочување на учениците

Министерот за образование и наука на Бугарија, Красимир В’лчев, изјави дека е неопходно создавање на национална политика за кариерно насочување, преку која образованието ќе се поврзе со потребите на пазарот на трудот. Тој ја иницираше средбата со кариерните советници од целата земја, кои работат директно со учениците во изборот на образование што ќе им помогне во идната професионална реализација.

За време на средбата стана јасно дека претстои формирање на Национален кариерен центар, а советниците ќе добијат статус на педагошки специјалисти. „Ова е чекор што ќе ни овозможи подобра координација на вашата работа на национално ниво“, истакна министерот В’лчев. Тој ги повика советниците активно да учествуваат во изработката на правилникот на идниот центар, како и во развивањето на насоки за национални кариерни политики, обуки на наставници и програми за посети на компании и институции.

Министерот разговараше и за предизвиците со кои се соочуваат кариерните советници. Посебен акцент беше ставен на потребата децата со математички способности уште од рана возраст да се насочуваат кон технички професии. „Недостигот од инженери е една од најголемите закани за социо-економскиот развој на нашата земја, а вие можете значително да придонесете за надминување на овој проблем“, рече В’лчев.

Тој додаде дека се преземаат бројни мерки во таа насока – сè повеќе ученици се обучуваат во паралелки со STEM профили, а приемот на универзитетите се поврзува со испити по физика и математика.

Заменик-министерката Наталија Михалевска посочи дека е потребно да се насочуваат и деца од ранливи групи кон професии и квалификации што можат да им овозможат побрза професионална интеграција.

Во средбата учествуваа и генералниот секретар на МОН, Љубомир Јосифов, директори на дирекции и експерти од Министерството.



Слични Објави