Бугарија, македонските студенти и шансата за нова Солунска бугарска машка гимназија

///

Пишува: Атанас Величков

Една прекрасна вест објавена во бугарскиот информативен портал Dnes.bg вчера беше пренесена од поголем број медиуми во РС Македонија. Станува збор за предлог за измени во Декретот на бугарската влада број 228 од 1997, што се однесува на приемот на студенти од РС Македонија, кои се македонски државјани и ги плаќаат таксите за своето образование во државна квота. Според предлогот на службениот министер за образование на Бугарија проф. д-р Сашо Пенов, студентите од РС Македонија, што ќе студираат според Декретот 228/1997 ќе бидат ослободени од плаќање не само на давачките во текот на студирањето, туку и од таксите при самото запишување.

„Предложените измени во ПМС бр. 228/1997, имаат за цел проширување и зајакнување на образованието како една од најприоритетните насоки на бугарската политика во однос на Република Северна Македонија и Бугарите кои живеат таму и подобрување на регулаторната рамка во спроведувањето на приемот во јавните високообразовни институции на студенти од Република Северна Македонија. Како резултат на промените, преку обезбедување на намалена процедура за прием, ќе продолжи долгогодишната политика на бугарската држава за привлекување македонски граѓани кон бугарските високообразовни институции“, стои во образложението на министерот Пенов.

Пред малку повеќе од десетина дена главниот експерт од МНР на Бугарија Желјазко Радуков на брифинг во министерството изјави дека Бугарија треба да и даде време на РС Македонија да одлучи дали сака да стане дел од ЕУ. Од таа изјава досега може да се види дека Бугарија преку предложените измени од страна на службениот министер Пенов, прави огромен чекор за зближувањето на двете земји и луѓето од двете страни на границата. Од страна на официјално Скопје, ние можеме да се пофалиме со посетата на Мала Преспа и на Голо Брдо на првиот дипломат Бујар Османи, кој отиде кај претставниците на македонското малцинство таму, за да им каже дека РС Македонија нема да дозволи некој да им врши притисок за да се „бугаризираат“ и да земаат бугарски државјанства. Притисок околу земањето на бугарските државјанства имаат пред се луѓето што помагаат/посредуваат за истите, бидејќи нивните телефони не престануваат да ѕвонат, поради големиот број луѓе што сакаат да поседуваат бугарска патна исправа, но тоа е тема за некој иден напис. Историјата не помни, некој да отишол пред бугарските дипломатски претставништва во Скопје и Тирана или во Софија пред Министерството за правда, со нож допрен на грлото да биде принудуван да станува бугарски државјанин. Без разлика дали се родил во убавите села во околината на Виница или пак проодел за прв пат во некое од колоритните села во Мала Преспа или Голо Брдо.

Предлогот на министерот Пенов е пред се државнички. Силно се надеваме дека истиот ќе биде прифатен и ќе биде имплементиран. Бугарија мора да се врати таму каде што била уште од времето на Гоце Делчев, Борис Сарафов, Борис Дрангов и редица други херои на Македонија, кои своето образование го стекнаа токму во Софија. Бугарија мора да покаже на дело дека се грижи за сегашните и идни генерации студенти од РС Македонија и од сите земји во кои има Бугари. Овде нема место за квазипатриотски патолошки простотилуци од типот: Ние ќе им плаќаме на Македонците, за тие да плукаат после по Бугарија. Таквите глупости можат да се родат само во главите на ограничени луѓе, кои си мислат дека удирањето во гради со нивните лишени од содржина пароли, може да им го надокнади недостатокот на мозочна активност во нивните празни глави.



Доколку предлогот на министерот Пенов стане реалност, во бугарските високообразовни институции најверојатно ќе се појават ликови кои простачки ќе се контраат со своите професори на тема јаничарство, бранејќи го својот многовековен идентитет, ќе има и такви, кои мазно ќе глумат, дека многу ја обичат Бугариja, ама во истото време ја бараат и најмалата причина да плукнат по неа, ќе ги има секакви. Но, тие не се важни. Можеби истите ќе се снајдат и ќе направат кариера во објектот за плукање, има такви примери, но тие ќе си останат само со глумата, дволичността и се разбира илузијата дека се некаква модерна појава со претензии дека „гради мостови“.

Важни се оние другите. Мнозинството! Мнозинството што ќе се допре до Бугарија и ќе сфати дека Бугарите не се некакви диви праисториски ѕверови со огромни заби, кои секој ден се будат со помислата тие заби да ги забијат во нечиј „многувековен“ идентитет или јазик. Мнозинство ќе дознае дека во Бугарија има многу врвни лекари, дека има врвни актери, пејачи, музичари и ликовни уметници од Македонија. Мнозинството ќе види дека онаа лошата Бугарија од етерот на најгледаните македонски телевизии, се наоѓа во главите на уредниците, кои исполнуваат нарачки и на нивните шефови/ментори. Мнозинството ќе најде барем една честичка од материјалното и духовното богатство на Бугарија за да ја засака. Така ќе биде поразен и говорот на омраза, кој секојдневно го набљудуваме во медиумите и во социјалните мрежи.

Да не забораваме дека од тие студенти може да се појави некој нов проф. Александар Станишев или пак Крсто Сарафов. Овде фактот што тие, не се чувствуваат Бугари, нема никакво значење. Нивниот придонес кон Бугарија и кон РС Македонија може да биде огромен. Нивниот македонизам, нема да се манифестира преку омраза кон Бугарија. Тоа е важното во случајот.

Солунската бугарска машка гимназија снимена во крајот на XIX век.

Бугарија како држава и бугарските граѓани како даночни обврзници, имаат огромна шанса да се обидат да ги спасат од омразата кон Бугарија еден солиден број млади Македонци. Тоа е вистинскиот патриотски чин, што ќе докаже дека Софија навистина е загрижена за луѓето во РС Македонија. За оние што го зачувале својот бугарски идентитет, а и за оние кои го прифатиле современиот македонски. Во ситуацијава, нема губитничка страна. Бугарија може да ја надгради идејата и да го препороди направеното од Бугарската машка гимназија во Солун. Тоа е историска шанса, што не треба да биде пропуштена од Софија.



Претходна статија

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе работи за влезот на Хрватска, Романија и Бугарија во Шенген зоната

Следна статија

Почина Михаил Горбачов

Најново од Истакнато