Бугарија меѓу светските лидери во производство на вино – три големи златни медали на Concours Mondial de Bruxelles 2025
Министерот за туризам на Бугариja Мирослав Боршош го врачи големиот златен медал на престижниот меѓународен вински натпревар Concours Mondial de Bruxelles (CMB) 2025, кој оваа година се одржа во Бургас, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа. Бугарските винарии освоија вкупно 73 медали – 3 големи златни, 26 златни и 44 сребрени, со што земјата се вбројува меѓу најдобрите производители на вино во светот.
„Само околу 1% од над 15.000 вина од целиот свет добиваат голем златен медал, а Бугарија е меѓу нив“, истакна Меглена Михова, амбасадор на CMB за Бугарија, која се заблагодари за поддршката од Министерството за туризам, Министерството за земјоделство и храна и општина Бургас.
Министерот Мирослав Боршош нагласи дека наградите се меѓународно признание за квалитетот на бугарските вина и доказ дека земјата е веќе препознаена како винска и туристичка дестинација. Тој потсети дека 2025 година е значајна за Бугарија, која беше домаќин и на Глобалната конференција за вински туризам на UN Tourism во Пловдив.
Заменик-министерот за земјоделство Јанислав Јанчев го опиша натпреварот како „празник на трудот и страста на бугарските винопроизводители“, а директорот на конкурсот Кантен Аво подвлече дека CMB е независен и транспарентен натпревар со дегустации на слепо, што гарантира квалитет и доверба.
Со успешното домаќинство и одличниот резултат, Бугарија се утврдува како водечка винска дестинација во регионот и заслужено го зазема своето место меѓу светските лидери во производството на вино и винскиот туризам.

