Бугарија меѓу водечките земји во Југоисточна Европа по капацитет за складирање електрична енергија во батерии
Бугарија се рангира меѓу водечките држави во Југоисточна Европа по оперативен капацитет за складирање електрична енергија во батерии, пренесе БГНЕС.
Земјата располага со оперативен батериски капацитет од 0,56 гигавати (GW), што ја става пред Романија со 0,49 GW. Турција засега заостанува со 0,21 GW, додека Грција не е меѓу водечките држави на листата.
Батериите играат клучна улога во транзицијата кон обновлива енергија, бидејќи овозможуваат складирање на електричната енергија од сончеви и ветерни капацитети и нејзино доставување до мрежата кога е потребно.
И покрај релативно нискиот сегашен капацитет, Турција има најамбициозни планови за развој во Европа. Нејзините проекти во фаза на изградба, одобрување или најава достигнуваат 32,8 GW – повеќе од трипати повеќе од оние на Германија, Полска и Италија.
Доколку сите планирани проекти бидат реализирани, Турција ќе стане европски лидер со вкупен батериски капацитет од близу 33 GW.
На европско ниво, Германија е лидер по веќе оперативен капацитет со 2,8 GW, следена од Италија со 2 GW. Меѓу државите со капацитет меѓу 0,5 и 1 GW се Ирска, Шведска, Бугарија и Франција.
Според анализата, брзиот развој на батериските системи во Европа главно се должи на наглото поевтинување на технологиите и на политиките за поттикнување инвестиции во складирањето на енергија.
