| |

Бугарија очекува авиони од НАТО по зачестените напади во Црното Море

Во Бугарија се очекува да пристигнат авиони од партнерски земји на НАТО поради зачестените напади врз бродови во Црното Море, изјави министерот за одбрана Димитар Стојанов. Во интервју за БНТ тој рече дека до крајот на октомври до седиштето на Алијансата ќе биде испратено писмо со кое Бугарија ќе пријави учество во програмата за заштита од дронови, пренесува БНР.

„Во Црното Море нема начин да влезат бродови поради Монтре и поради обврските што Турција ги презеде уште на почетокот на војната. Во таа врска останува да распоредиме сили и средства на копно, како и во воздух, да добиваме колку што е можно порано слика за реалната состојба, за да можеме да реагираме на соодветен начин, вклучително и со наши сили и средства со кои располагаме. Ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик. Адмирал Ефтимов е во директен контакт со генерал Гринкевич. Наскоро ќе видите дека ќе има присуство на авијација на нашите територии од земја членка на НАТО“, изјави Стојанов.

Тој додаде дека бугарските авиони ќе бидат активирани доколку има нарушување на воздушниот простор, но за тоа е потребна сигурна информација дека такво нарушување навистина се случило.

Вчера романски авиони ловци Ф-16 собориле два дрона над територијалните води на Романија во Црното Море. Неколку дена претходно, два танкери за хемикалии беа погодени од дронови во близина на романскиот брег на Црното Море.

Слични Објави