СРЕДБА НА ЗАЕВ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДИК: РЕФЕРЕНДУМОТ Е ОБВРСКА ОД ВАЖЕН ДРЖАВЕН КАРАКТЕР

Вести Истакнато Македонија

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска се сретна со претседателот на ДИК, Оливер Дерковски и членовите на Државната изборна комисија.

На средбата е заеднички нагласена важноста од професионално и транспарентно работење на Државната изборна комисија пред и на денот на престојниот референдум, со цел доверба на сите граѓани и политички субјекти во процесот.

На состанокот се разговараше за потребните услови за реализација на процедурите за спроведување на референдумот, како и за овозможувањето непречено извршување на законските обврски на ДИК поврзани со референдумот.

– Референдумот е обврска од важен државен карактер. Сите институции се должни да соработуваат со Државната изборна комисија. И Владата стои на располагање, на принципиелно ниво, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на ДИК и тоа ќе го направиме, рече премиерот Заев.

Претседателот на ДИК, Дерковски и членовите на ДИК посочија дека работат професионално, штедливо и домаќински и дека ќе продолжат во таа насока, за достоинствено да одговорат на законските обврски пред граѓаните.
– Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес, должни сме сите професионално да си ја завршиме работата, рече премиерот Заев.

На средбата на премиерот Заев со членовите на ДИК се разговараше и за медиумската кампања поврзана со референдумот, за потребата од почитување на законските одредби поврзани со кампањата за референдумот од страна на сите чинители, како и за финансиските средства што му се потребни на Собранието за спроведување на медиумската кампања.