Воени полицајци од Бугарија, Северна Македонија, САД, Италија, Полска и уште 7 земји членки на НАТО учествуваа во заедничка вежба на полигонот „Ново Село“ во Бугарија
На воениот полигон „Ново Село“ во Бугарија на 20 мај се одржа меѓународната вежба на припадници на Воената полиција „Надвор од хоризонтот 26“. Во вежбата учествуваа претставници на 12 држави-членки на НАТО. Акцент во програмата беа активности со хеликоптер, тактичка евакуација и демонстрации со службени кучиња. Меѓу официјалните гости беа претставници на високиот команден состав на Бугарската армија и партнерските држави што учествуваа во вежбата.
Домаќин на настанот е служба „Воена полиција“ на Република Бугарија , а во годинашното издание зедоа учество воени полицајци од Бугарија, Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Канада, Италија, Шпанија, Полска, Романија, Грција, Хрватска, Унгарија и Чешка. Воените полицајци демонстрираа синхронизација и координација при извршување различни тактички задачи.
За првпат пред гости и медиуми беше прикажано спуштање од хеликоптер со методот „брзо јаже“ од страна на бугарските воени полицајци. Меѓу демонстрираните способности беа и совладување на масовни нереди и контрола на толпа, демонстрирани од Италија и Романија, како и евакуација на ранети од бојното поле, изведена од екипи на ВМА и 24-та воздухопловна база. Беше изведена и операција за приведување прекршители со службени кучиња од Унгарија, како и истражување инциденти со експлозивни материјали со мобилна криминалистичка лабораторија, при што криминалистите беа од Полска и од Бугарија.
За време на настанот полковник Христијан Христов, в. д. директор на Служба „Воена полиција“, ја нагласи потребата од воведување нова клучна способност – користење службени кучиња за откривање експлозивни материи, наркотични средства и неутрализирање прекршители. Полковник Христов истакна и дека постапката за набавка на овие специјално обучени кучиња веќе е во тек.
