Бугарски филм по 52 години повторно на големата сцена во Кан
Филмот „Мечтаното приключение“, копродукција на Германија, Франција, Бугарија и Австрија, ќе ја има својата официјална премиера на филмскиот фестивал во Кан. Лентата е снимена целосно во Бугарија, во регионот на Свиленград, со бугарски непрофесионални актери и претежно бугарска филмска екипа, јавува Актуално.
Ова е првпат од 1974 година филм на бугарски јазик да биде прикажан во главната сала на Фестивалската палата во Кан. Режисерка и сценаристка е Валеска Гризебах, за која ова е втор филм снимен целосно во Бугарија по „Western“ од 2017 година.
„Мечтаното приключение“ ја следи приказната за археолошката Веска, која се враќа во родниот Свиленград и се соочува со криминални врски и трауми од минатото. Главните улоги ги толкуваат Јана Радева и Сулејман Летифов, а во филмот настапуваат и други бугарски дебитанти.
Продуцент од бугарска страна е „Мирамар филм“, а продукцијата е поддржана од Националниот филмски центар на Бугарија. За премиерата во Кан се подготвува делегација од повеќе од 20 бугарски претставници, со поддршка од Националниот филмски центар и Министерството за култура на Бугарија.
