Бугарија очекува пораст на странски туристи во зимската сезона
Во тековната зимска сезона во Бугарија се очекуваат над 1,2 милиони странски туристи, што е зголемување меѓу 8 и 11%. Сепак, посетите од странство сè уште се под нивоата пред Ковид пандемијата.
Хотелите и одморалиштата ќе бидат преполни за божиќните и новогодишните празници. Силен период за зимски туризам е и периодот од средината на јануари до почетокот на февруари, истакна Константин Занков.
„Интересот е од балканските земји, како и од земјите од Централна Европа, кои имаат авионски врски кон Бугарија. Така што за скијање и сноуборд очекуваме добра сезона, додека за културен и едукативен туризам и за други поалтернативни форми на туризам, дефинитивно сме далеку од нивоата од 2019 година“.
Странските туристи ги претпочитаат големите ски центри. Кај помалите интересот останува локален. Активноста на хотелиерите е голема и тие создаваат пакети за да ги поттикнат луѓето рано да резервираат, пренесува БНР.
Поради инфлацијата и високите цени на горивата, поскапувањето на престојот за организирани патувања е меѓу 11 и 18 проценти, а кај некои хотели и до 20 проценти. Кај бугарските туристи најголем интерес има за балнео и спа хотели, скијање и сноуборд одмор, но тие се насочени и надвор од државата.
„Имаме многу чартер летови до Египет, Тунис, Дубаи, Тајланд, како и чартер лет до Лапонија. Истовремено, најголем интерес има за европските метрополи, а соодветно на тоа во однос на бројот на туристи и Балканските земји“.
