Бугарија подготвува нов систем за училишна дисциплина со пофалби, санкции и следење на развојот
Бугарското Министерство за образование претстави нов систем за подобрување на дисциплината во училиштата, кој предвидува единствен информациски систем за децата, карта за следење на личниот развој, специјалист за личен развој, пет нивоа на пофалби и шест нивоа на санкции.
Системот го претстави заменик-министерката за образование Тања Панчева. Според најавите, тој би можел да почне да се применува од второто полугодие на тековната учебна година.
Единствениот информациски систем ќе го развиваат Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика и општините, со цел порано да се откриваат децата изложени на ризик да го напуштат образованието и повторно да се вклучат во училиштата.
Секој ученик од прво до дванаесетто одделение ќе има карта за следење на личниот развој, која наставниците ќе ја пополнуваат секое полугодие. Според претседателот на Здружението на директори во средното образование Асен Александров, картата нема да претставува оценка за поведението, туку ќе ги опишува силните и слабите страни на ученикот.
Предвидениот специјалист за личен развој ќе може да биде надворешен воспитувач или наставник од самото училиште и ќе ја координира поддршката за учениците и мерките при проблематично однесување.
Петте нивоа на пофалби и шесте нивоа на санкции треба да служат како претходни чекори пред изрекување официјална казна на ученик.
