Бугарија, Романија и Грција ќе реализираат транспортни проекти вредни близу 30 милијарди евра
Помеѓу Бугарија, Грција и Романија се очекува да бидат реализирани транспортни проекти во три правци меѓу Егејското Море, Дунав и Црното Море, вредни близу 30 милијарди евра. Станува збор за големи прекугранични врски, мостови, железнички и патни коридори. Финансирањето е делумно обезбедено. Како што соопштија од Министерството за транспорт на Република Бугарија, станува збор за 25 од вкупно 53 проекти, определени како иницијативи од клучно значење и со висок степен на подготвеност. Целта е изградба на непрекината транспортна мрежа во правците север – југ и исток – запад, јавува БНТ.
Ова беше соопштено на средбата на високо ниво во Брисел на тема „Пријатели на Југоисточна Европа: Заедно да ги надминеме недостатоците“, на која беше потпишан акциски план. На средбата учествуваа министрите за транспорт на Бугарија, Грција и Романија, европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас, координаторот на европскиот транспортен коридор „Балтичко Море – Црно Море – Егејско Море“ Марио Мауро, координаторката на европскиот транспортен коридор „Рајна – Дунав“ Маргарида Маркеш и потпретседателот на Европската инвестициска банка Роберт де Грот.
Железничкото поврзување зазема најголем дел од проектите опфатени со потпишаниот акциски план. Целта е да се постигнат поголема брзина, поголем капацитет за товарен превоз, електрификација, воведување европски безбедносни системи, изградба на втор колосек на одделни делници, подобра поврзаност со пристаништата и посигурни врски меѓу Бугарија, Грција, Романија, Молдавија и Украина. За финансирање во периодот до 2034 година се предвидени и модернизација на делници на еден од најоптоварените железнички правци – меѓу Бургас, Варна и Русе, како и проектирање два нови моста на Дунав – кај Силистра и Никопол.
Меѓу проектите што ќе се реализираат најбрзо е модернизацијата на постојната железничка врска Русе – Ѓурѓево – Букурешт, вклучително и електрификацијата на постојниот мост. Проектот ќе биде пријавен за финансирање на повикот „Reflow call“ во рамките на Механизмот за поврзување на Европа, во тековниот програмски период. Рокот за реализација е 2028–2030 година.
Продлабочувањето на пловниот пат на Дунав во граничниот дел меѓу Бугарија и Романија, во рамките на проектот FAST2 Danube, е еден од проектите со обезбедено финансирање, а неговото завршување е предвидено за 2028 година.
Изградбата на нов комбиниран железнички и патен мост Ѓурѓево – Русе, со обиколници околу двата града, се очекува да заврши до 2032 година.

