| |

Посетата на Зеленски на Белград е во спротивност со украинскиот идеал

Велислав Илиев/БГНЕС

Од почетокот на војната во Украина, светската јавност се обедини околу ставот дека во дваесет и првиот век е недозволиво меѓународно призната држава да биде нападната од својот сосед. Кажано поинаку: светот не може да се управува според правото на посилниот. Претседателот Володимир Зеленски се претвори во симбол на украинскиот отпор против руската агресија. Во моменти кога воената помош за Киев беше доведувана во прашање, Зеленски оправдано повикуваше да се погледне од негова перспектива и да си замислиме колку неопходна би била таквата помош доколку нашата земја биде нападната.

Од почетокот на годината, меѓутоа, се појавија случаи како Венецуела, Гренланд и Иран, кои нè натераа да се запрашаме до кој степен меѓународното право е релевантно за реалноста што нè опкружува? Можеме да се согласиме дека големите сили секогаш ќе им даваат предност на сопствените себични амбиции, но реално гледано, таквото размислување е својствено за повеќето држави.

На 8 август Зеленски ќе ја посети српската престолнина Белград – местото каде што веќе еден и пол век се раѓаат идеи за прекројување на картата на Балканскиот Полуостров. Без оглед дали станува збор за Србија, Кралска или Комунистичка Југославија, државата чиј главен град е Белград неуморно се стреми да присвои територии што би ја доближиле до Егејското и Јадранското Море. Пред само три децении ги видовме погубните последици од оваа политика, која ги роди Вуковар, Сребреница и Горажде. Ако се вратиме уште поназад, во годините по Втората светска војна, ќе видиме како истата таа амбиција доведе до смртта на над половина милион луѓе – останките на многумина од нив сè уште лежат непогребани низ територијата на поранешна Југославија.

Денес ситуацијата не е поинаква. Србија е плацдармот од кој терористички групи навлегуваат во северно Косово. Српската православна црква организира преврати во Црна Гора. Политичари блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ го нарушуваат етничкиот мир во Босна и Херцеговина и се закануваат со повторување на ужасите од пред 30 години. Во Северна Македонија, Белград и неговите прокси-структури водат кампања за блокирање на европскиот пат на земјата и за нејзино туркање во прегратките на „Српскиот свет“.

На позадината на сето ова, посетата на Зеленски не треба да се разгледува на истиот начин како што се анализираат неговите посети на други европски престолнини. Се разбира, веројатно двајцата претседатели ќе си подадат рака пред знамињата на Србија и Украина. Потоа, на заедничка прес-конференција, ќе објават дека се договориле за проширување на економската и воената соработка и ќе ги соопштат конкретните параметри. Ништо што веќе не сме го виделе во изминатите четири и пол години на други средби на Зеленски со шефови на држави.

Разликата е на чисто филозофско, па дури и морално ниво. Зошто лидерот на државата што толку страшно пострада од својот поголем сосед ќе се сретне и ќе преговара со човек чиј режим исто така планира агресија врз своите соседи? Зар по четири години во рововите вредностите почнаа да им отстапуваат место на реалностите? Се откажуваме ли од тезата дека меѓународните односи треба да се засноваат врз јасни правила, едно од кои е недозволивоста на нарушувањето на територијалниот интегритет на државите?

Вучиќ, слично на своите претходници Тито и Милошевиќ, се обидува да го манипулира Западот со тврдењето дека е човек со кого може да се преговара. Во светот што се обликува пред нашите очи, меѓутоа, сè појасно се формираат макрорегиони и секоја земја мора да избере во кој тим ќе учествува. Тешко дека во Белград си замислуваат оти мала Србија може да биде балансер во сложената игра на гигантите. Поверојатно е дека Србија веќе го избрала својот табор и им фрла прашина во очи на оние што не сакаат да ја согледаат вистината. А реалноста се гледа во одбивањето на Белград да воведе санкции против Русија, во континуираните посети на српски политичари и „духовници“ во Москва, како и во економската зависност од кинеските инвестиции. Вистината се покажа и на последниот самит „Украина – Југоисточна Европа“, на кој Вучиќ единствен одби да ја потпише декларацијата со која земјите учеснички се обврзуваат да го поддржат Киев.

Сојузот со ѓаволот ретко носи вистински придобивки. Војната зависи од вооружувањето, но и од мотивацијата на оние што го користат. По речиси пет години во рововите, ниту едно српско оружје не може да се покаже како решавачко, но ако украинските херои веруваат дека каузата за која се борат и умираат е праведна, таа убеденост се претвора во најмоќната ракета. За борците да останат мотивирани, нивните водачи не треба да преземаат чекори што би ги довеле во прашање идеалите што досега ги застапувале. Може ли еден чин на насилство да остане праведен ако не произлегува од чист идеал?

Слични Објави