Бугарија се надева на членство во ОЕЦД во 2027 година
Бугарија се надева дека ќе стане членка на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во 2027 година, откако процесот на пристапување ќе биде успешно завршен до крајот на 2026, изјави генералниот секретар на организацијата Матијас Корман, јавува БНР.
Во обраќање до медиумите без можност за прашања, Корман посочи дека земјата се соочува со сериозни предизвици поврзани со демографските процеси, пензискиот систем и сиромаштијата, но истакна и значителен напредок.
„Се надеваме дека ќе го доведеме процесот на пристапување до успешен крај до крајот на календарската 2026 година“, изјави Корман.
Во својот последен економски извештај, ОЕЦД наведува дека доходите во Бугарија постепено се доближуваат до оние во развиените економии на организацијата, иако разликата во продуктивноста останува значителна. Економскиот раст е поддржан од стабилна приватна и јавна потрошувачка, заснована на раст на платите, како и од ниски реални каматни стапки.
Бугарскиот премиер Росен Желјазков нагласи дека Бугарија традиционално ги постигнува своите стратешки цели и во кризни услови:
„Овој национален пристап ќе нè доведе до добар крај порано или подоцна. Се надеваме тоа да се случи уште во 2027 година, кога Бугарија, во конкуренција со Романија и Хрватска од нашиот регион, ќе стане 39-та членка на ОЕЦД.“
Министерката за финансии Теменужка Петкова потсети на подобрената состојба на јавните финансии и зголемената наплата на приходи, изразувајќи увереност дека институциите ќе продолжат мотивирано да работат за брз напредок кон членството.
