|

Бугарија се надева на членство во Шенген до крајот на годината: Погледот на Софија насочен кон изборите во Холандија

Бугарија се надева дека до крајот на годината ќе стане членка на Шенген зоната и покрај сегашното противење на Холандија и Австрија за прием на земјата во зоната на слободно движење на ЕУ, кои и забележуваат на Софија дека не прави доволно за да ја спречи илегалната миграција од Турција.

Порталот „Еуроактив“ наведува дека од Хаг пристигнуваат дипломатски сигнали оти Холандија би можела да го укине ветото за прием на Бугарија во Шенген зоната по предвремените парламентарни избори во ноември, со што Австрија би останала единствената земја што би се противела на бугарското членство.

Дополнително, во прилог на Софија оди и големата веројатност на изборите во Холандија да победи коалицијата на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ), чиј кандидат за премиер е донеодамнешниот еврокомесар Франс Тимерманс, кој изразуваше отворена поддршка за прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната.

Бугарскиот премиер Николај Денков вчера изјави дека во текот на оваа година Бугарија ќе има две шанси за влез во Шенген зоната – во октомври и во декември.

– Не можам да гарантирам дека ќе станеме дел од Шенген во октомври, но следната шанса ќе биде во декември, изјави Денков, додавајќи дека е уверен оти актуелниот претседавач на ЕУ, Шпанија, ќе им помогне на Бугарија и на Романија, на чиј прием се противи само Австрија, да влезат во Шенген до крајот на своето претседавање.

Според Денков, доколку Бугарија ги исполни сите услови и го усвои потребното законодавство, „никој ќе нема суштински аргумент против приемот“ на земјата во Шенген зоната.

Извор: zoom.mk



Слични Објави