| |

Бугарија стана 55-та држава во американската иницијатива за партнерство во вештачката интелигенција

Бугарија официјално стана 55. држава што се приклучила кон Заедничката изјава за можностите за партнерство во областа на вештачката интелигенција, иницирана од САД, соопшти бугарскиот министер за иновации и дигитална трансформација Иван Василев на својата фејсбук-страница.

Според Василев, партнерството отвора дополнителни можности за инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција, научноистражувачка соработка и пристап до пресметковни ресурси и полупроводнички технологии.

За бугарските компании тоа би значело нови меѓународни партнерства, размена на стручни знаења и подобри услови за развој на сопствени технолошки решенија.

„Бугарија има реални можности да развива сопствени технологии и да привлекува инвестиции во сектори со висока додадена вредност. За да се случува тоа, на нашите компании им се потребни пристап до капитал, современа технолошка инфраструктура и меѓународни партнерства што ќе им овозможат да растат“, наведе Василев.

Министерот соопшти дека неделава во Министерството за иновации и дигитална трансформација се одржала средба со претставници на американска деловна делегација, организирана од Амбасадата на САД во Бугарија.

На средбата биле разгледани конкретни можности за соработка во областа на вештачката интелигенција, кибербезбедноста и технологиите со двојна употреба.

„Верувам дека Бугарија треба активно да учествува во развојот на вештачката интелигенција, користејќи ги меѓународните партнерства за да изгради и сопствен капацитет“, порача Василев.

Тој оцени дека таквиот пристап ќе им овозможи на бугарските компании да создаваат производи со висока додадена вредност и да се развиваат на меѓународните пазари.

Слични Објави