Бугарите некрофили и „силувачите“, кои не сакаме да ги видиме
Пишува: Атанас Величков
Булевардниот македонски „патриотизам“, што треба да ги заведе масите, па преку нив да дојде до промена на владејачката гарнитура, но не и на начинот на владеење, се храни со високопарни недоветни извици. Речиси секогаш тие извици се родени од помрачени мозоци и се разбира немаат ништо заедничко со патриотизмот. Многу од нив ќе ги видите испечатени на маички. Така се презентира и претприемачкиот дух на Македонецот кој протестира против бугаризација со бугарски пасош во џебот. Кажал некој нешто… Испечатај го на маичка. Протестно време е. Лето е. Маичките се трошат како бел леб.
„Не може да ме попиташ, можам да те пошлакам“ – последниот патриотски врисок на толпата индивидуалци, кои како што сите можеме да се досетиме сакаат да ја симнат оваа гарнитура, но не и да го сменат начинот на владеење. Го добивме испечатен на маици. Како што доликува.
Гарнитурите имаат потреба од учени-недоучени млади припадници на авангардата. Тие се убави. Носат наочари, изгледаат интелигентно. Се борат за своето право да останат во историјата, но најчесто добиваат само пет минути слава. И маички со простотилукот што го направиле изглаголиле. Се сеќавате на Ламбе? И тој си доби маичка, а некој попаметен од сите нас си доби и парички, продавајќи ви ги маичките.
На „главните херои“, кои дури не разбираат дека имаат само епизодични улоги, ќе им останат само спомените, што ќе им ги раскажуваат на нивните внуци. „Слушај внучко да ти каже дедо, како си доби маичка…“ Подгреана манџа, мрсен бучкуруш, ама без месо, оти некој попаметен веќе го изел и ги оставил остатоците на толпата да се радува.
Таму некаде во морето од маици, своето достојно место го заземаат и паролите испишани на бели картони. Црни пораки на бела позадина за да се зачува контрастот, за да бидат видливи, кога како што вели Вапцаров, плакатите се кренат до месечината.
На тие плакати ќе ја видите сета систематизирана омраза, која се темели на принципот „прочитав, ама не дочитав“. Принцип што може да се нарече надградба на онаа култна изрека „Немам доказ, али тврдам“.
Така на сцената стапува плакатата истакната на протестот против „бугаризација“ истакнат од проруската и антиевропска партија „Левица“, инаку посветена на младата комунистка Вера Циривири-Трена, и која треба да ни ги прикаже Бугарите, не само како фашисти и окупатори, туку и како некрофили.
Вера Циривири-Трена го завршува својот млад живот со самоубиство, така велат достапните историски податоци. Таа се самоубива во летото на 1944 г во Штип, на само 24 години, за да не падне жива во рацете на нејзините прогонувачи-озогласените бугарски фашистички окупатори, кои најверојатно биле локалци. Пред да го изврши самоубиството, додека бегала меѓу куќите, таа викала за помош со надеж некој да ѝ ја отвори својата врата, но никој не го направил тоа. Најверојатно попаднала во „колаборационистичко“ маало или пак едноставно поголемиот дел од населението тогаш, не гледало со особена доверба на младите луди глави заведени од комунистичките идеи.
Трена се самоубила, според податоците за овој случај, откако ја нашле, нејзините прогонувачи го изболе нејзиното тело и го фрлиле во реката Брегалница. Таа била погодена од „фашистички“ куршум, но не била убиена, а уште помалку силувана после убиството.
Дали лагата за Бугарите некрофили повторена 100 пати ќе стане вистина? Според Гебелс- ДА, но според елементарното воспитание, логика и реалност, не е возможно таа лажна вистина да преживее и секунда, кога ќе се судри со рационалноста.
Од рациото, како ѓаволот од темјан бегаат младите политички лидери, кои ги гледаме како креваат раце за комунистички поздрав, тврдејќи дека се борат за заштита на некакви национални интереси. Таа мешавина од национално и левичарско, на светот му го донесе национал-социјалистот Хитлер. Затоа младиот лидер на Црвената младина, Марио Јаневски, кога веќе знае дека неговите дедовци биле македоно-одрински ополченци, нека прочита и за тоа дека тие биле приматели на бугарски фашистички пензии и задолжително да прочита за Хитлер.
Соголената омраза кон Бугарија, Бугарите и сè што е бугарско, што се манифестира на протестите во последните неколку дена, не може да биде облечена лесно со некаква набрзо смислена комбинација за училишна приредба. Таа не може да биде претставена како оправдан револт кон неправдата, бидејќи истата користи лаги, манипулации и е одвратна во својата елементарност.
Најголеми жртви во случајот се граѓаните на РС Македонија. Бугарите и тука и во Бугарија одамна се навикнати да бидат виновни за сè. Нема нормален припадник на таа нација, кој би посакал авторот на плакатот за Трена да биде Бугарин. Граѓаните на Македонија, античките, АСНОМ-ските и сите останати видови Македонци, се оние, кои голтајки ја таа омраза, остануваат без волја да се соочат со своите реални проблеми.
Некои од нив, решението на своите реални проблеми го нашле во бугарскиот пасош. Други во вработувањето на државна работа, но на сите нив денеска како херои им се нудат ликови како Ламбе и оној интелигентен дечко со наочарите што го нападна бугарскиот новинар со веќе познатата изрека за „не може да ме попиташ“. Тоа е жалното во случајот. Дури е трагично. Но лудилото мора да продолжи, Бугарите треба да бидат претставени и како некрофили, за да можат организаторите, да ја сменат само поставата, но да продолжат со истата погубна за државата политика… и така додека на луѓето навистина не им „светне“ дека „силувачите“ не се некаде на исток, а овде и ги прават списоците со имињата на оние, кои треба да се обратат од бината…