Бугарите во Хрватска, како предречена иднина
Пишува: Владимир Перев
Рашко Иванов е долгогодишниот претседател на бугарската заедница во Хрватска. Роден е во Софија во 1943 година, а во Загреб доаѓа во критичната 1968 година, на гости кај својата тетка. Таа била исто така од Софија, но се омажила за скопјанец во 1946 година, останала во Скопје, за потоа да се преселат во Загреб. Сопругата на Рашко е исто така од Скопје, нејзиниот татко бил сојузен функционер, па се преселиле во Загреб и таму останале. Тој е по професија музичар, завршил оперско соло пеење. Инвазијата на СССР на Чехословачка го затекнала во Загреб и бил немалку изненаден од силната антируска реторика низ тогавашните хрватски медии, но и од изјавите на актуелните политичари во критичната 1968 година.

Здружението на хрватско-бугарското пријателство е на улица Кнеза Мислава, бр. 13 на доделен простор од Градот Загреб. Располагаат со простор од 120 кв метри, каде е сместен и претставникот на бугарската заедница во Град Загреб. Се сретнуваме во прекрасното летно утро во Загреб, градот со опојни мириси на липите во овој дел од годината.
Ми ја објаснува структурата на бугарската заедница во Хрватска наглесувајќи дека се работи за три основни институции.
Хрватско-бугарско дружество, основано 1992 година, каде што прв претседател бил покојниот академик Далибор Брозовиќ, претседател на ЈАЗУ, за кого се смета дека имал бугарски корени од Казанлак. Во овој момент, претседател е акдемик, Јосип Братулиќ.
Национална заедница на бугарите во Хрватска. Основана е во 1998 година, а нејзин председател од основањето до денес е Рашко Иванов. Оваа заедница е финансирана од државниот буџет.
Претставник на бугарската заедница во Скупштината на Град Загреб. Оваа институција постои од 2003 година кога влегува во сила Законот за правата на националните малцинства, кој е Уставен закон. Пет мандата претставник во Скупштината на Загреб бил Рашко Иванов, но сега е избран Петар Дјанков, син на бугарски градинар. Работел во секторот на градежништво. Тој е платен од градскиот буџет.
Во Скупштината на Хрватска, во Сабор Хрватске има претставници на србите, унгарците, чесите, италијаните, од ромското малцинство (претставник на 13 мали малцинства, како на пример австријци,)
Бугарската заедница, за разлика од другите, не е концентрирана во големи заедници, распрскана е низ цела Хрватска, нема концентрација на бирачи, па не може да има ни свој претставник во Скупштината.
Декларирани се 350 членови на бугарската заедница во Хрватска, но тие навистина се повеќе. Не сакаат да се изјаснуваат бидејќи во СФРЈ не било полуларно да се нарекуваш бугарин, па дури ни и во Хрватска. Во моментов има многу потомци на мешани бракови, не знаат бугарски јазик и најчесто се срамат да го искажат своето потекло. Тоа е резултат на српскиот анимозитет кон Бугарите, пренесен во овие сто години и на хрватите, па потомците не го научиле јазикот на предците-бугарскиот, сметајќи дека така нема да имаат проблеми во животот. Асимилацијата била многу брза и насилна.
Во време на 2021 има драстичен пад на бројноста на бугарите овде, вели Рашко, пад за цели стотина души. Лично мисли дека при прбројувањето, малцинствата се прикажуваани неточно-секогаш помалку. Бугарите се овде стара популација. Споредбено, во 1943 година, само градинарите биле повеќе од 1000 души. Во времето на Австро- Унгарија, во Загреб знаеле само за компири, лук, зелка, моркови….пиперките, доматите, патлиџаните и други нешта, се доенсени од бугарите кон крајот на 19-ти век и почетокот на 20-ти. Тогаш имало три големи бугарски пункта: Будимпешта, Загреб и Виена, каде имало големи бугарски заедници и градинарите били важен сегмент на општеството. Во Југославија бугарите биле под присмотра на полицијата, но во Унгарија, со декрет, сите кои работеле со бугарите на нивните производи, имале државни субвенции.




Законот на малцинствата им дава права на сите во Хрватска да се организираат и да бидат финансирани, соодветно возможностите на државата. Тоа значи дека просторот е опремен со средства од државата за правилно функционирање на заедниците, од чаша за вода, бироа, до компјутери, хартија и слично. Струја, вода, парно, чистота, комунална надокнада сѐ е платено од државата. Ако се прифатени определени програми, тие се финансираат согласно средставата кои се определени….оваа година околу 25 илјади евра. Се сервисира веб страната и списанието “Родна реч“ кое е двојазично.
Секогаш на денот на бугарската армија -6 мај, делегација на Друштвото ги посетува воените гробишта на Вуковар, каде се погребани 1026 војници и офицери загинати за време на Втората светска војна, при ослободувањето на Хрватска. Тоа е државна церемонија на која има претставници на министерствата на одбрана на Хрватска и на Бугарија, воени аташеа и сл. Има и учесници во војната кои се живи во Бугарија, па идат тука на чествување.
“Родна реч“ е списание со висок новинарски квалитет, целта му е да се надминат белите петна во хрватската политика до сега. Хрватите малку знаат за нас бугарите, вели Рашко, треба да се научат кои сме ние и притоа да се разбијат стереотипите за бугарите.
Во Загреб има и Совет на македонското малцинство. Имаме одлични односи, вели Рашко. Тие се побројни од нас, неколу илјади, не се зафаќаме со темата на македонско-бугарските односи. Пред неколку години се договоривме да го славиме 24-ти мај заедно. Сакавме да ја испееме заедно песната за светите браќа, “Врви народе вазродени“, ама ништо. Скопје забрани.
Повеќето од хрватите, приватно се на мнение дека во Македонија живеат бугари, ама наследството од бившата држава, дава определени предимства на македонците.
Во Ѓаково има плоча во спомен на Штросмајер, како мецена на бугарите. Поставена е од пратеникот Велизар Енчев. По неколку години и македонската заедница постави плоча. Се случува исто како во Рим, плочи и од Македонија и од Бугарија, за потоа може и некои други. Ние на 1-ви ноември на Денот на будителите, полагаме венци на Штросмајер кој се смета за будител на бугарскиот народ, а македонците тоа го прават во април, за времето на смртта на Штросмајер.
Темни се прогнозите за нашата иднина овде, вели Рашко. Културните друштва само можат да ја забават асимилацијата, но таа е неизбежна. Денес турците во Хрватска се повеќе од бугарите. Но, не се гордееме со тоа, што нашето списание “Родна реч“ е купувано редовно во Конгресната библиотека од Вашингтон, каде сега се и претплатени за секој нареден број.

Дијана Гласнова е елитниот претставник на бугарската заедница во Хрватска. Таа по професија е новинар, а дојдена е овде, од семејни причини, во 1996 година. Автор е на три книги : “Ratnici milosrgja” (Воини на милосрдието), “Бугарските градинари во Хрватска“ и третата, “Моите дваесет години новинарска дејност во Хрватска“. Трите се по инцијатива и со поддршка на претседателот на националната заедница на бугарите овде, Рашко Иванов.
Личните чувства и се позитивни и пријатни од Хрватска, таа избрала да биде тука и да биде полезна на семејството и на општноста.
Ја потенцира важноста на личноста, кое означува дека ние самите треба да си го направиме општеството подносливо за нас. Од нас зависи дали ќе имаме по добро или по лошо место во општеството. Рашко Иванов направи многу за оваа заедница, но и за Хрватска, вели таа. Бил одлучна личност. Скромен и работлив.
Треба да се цени тоа што ни се нуди како можност, со оценка за миналото. Луѓето по нас ќе продолжат да го прават ова што ние го правиме.
Не сум очекувала дека ќе напишам три книги, вели Диана, и да бидам горда на себе си. Овде ме среќаваат и ми велат “ти си НАШАТА БУГАРСКА новинарка и писателка“. Хрватите држат до себе, сакаат да им се знае историјата и тогаш се разнежуваат и ве прифаќаат…
Општ тренд е сите малцинства, дури и со подолга историја од бугарите, да бидат во опаѓање. Тоа е апсолутно нормално и очекувано…ова е свет на глобализам и нема место за нации. Ние треба де се помириме со тоа. Затоа и ми е смешно дека во денешна Европа некоја македонска нација сака да биде нација, а таква никогаш не била…ќе изумрат и поголемите нации, ова сега е Европа.
Хрватите прашуваат за нашите меѓусебни односи, за односот кон евреите на пример. Па ако вие таму сте биле македонци и држава, зошто не сте ги спасиле своите евреи, а зошто да ви ги спасува Бугарија. За жртвите еврејски од Македонија пишува дека се жртви од Југославија. Македонија е третирана како дел од кралство Југославија. Во списоците на Јад Вашем нема еврејски жртви од НДХ, тоа се жртви од Југославија…

Генка Георгиева е амбасадор на Бугарија во Хрватска. Била на мандат и порано овде, била два пати во Белград, била на работа и во Виена. Цврста, отсечна и разговорлива, со јасна мисла и идеја. Имаме добри односи со Хрватска, вели таа, ама ќе треба да минат уште десетина години, за да имаме единствено гледиште во односите Хрватска – Бугарија- Македонија. Овде Македонија им е блиска заради заедничкото минато и маките со Грција, па мислат дека е несправедлива политиката на Бугарија кон Македонија. Влијание на македонизмот овде е силно, има над 4000 македонци, па затоа овде е полесно да си македонец отколку бугарин, без оглед на хрватскиот демократски капацитет. Македонците имаат свои наследени, но и нови претставници во културните средини и имаат свое влијание преку радиото и телевизија. Обновено е чествувањето на Штросмајер кое е заедничко меѓу државите Бугарија и Хрватска, одиме ние дипломатите. Тоа е обновеното присуство на бугарската држава овде. Тоа значи дека си ги враќаме општествените пространства кои порано ги обсебил македонизмот. Едно време имаше план за заеднички црквени општини, тој процес требаше да продолжи, но запре. Ние си останавме на привремени решенија, вели Георгиева, а македонската држава си изгради храм. Бугарскта заедница овде е на изумирање, но нема што да се прави. Тоа си е дијалектика. Бугарија не отстапува од ништо, и покрај тоа што Македонија, во свеста на хрватските политичари е жртва на несправедливост.
Бугарија не смее да се извинува за ништо. Нашите барања се барања на европската рамка. Во секоја наредна глава на преговарачкиот процес, ќе треба да се опсуди проблемот, да се нотира и да се образложи барањето за вето со европски систем на решавање на проблеми. Сега не треба да работи политиката, треба да работи администрацијата, вели Георгиева. Ние имаме спогодба со Србија за учебниците слична како со Македонија, но Србија воопшто не се интересира да ги реализира договорените обврски, а ние, Бугарија, не пристискаме многу. Во Софија треба са дејствува со позитивна акција за сите кои сакаат сега да се присоединат, ама тоа да биде воопштено без посочувања на имиња и држави, а и да има годишни дискусии. Тогаш и таму, политика да си го каже мнението.
Во Хрватска има над триста девастирани цркви во реонот на Загреб од времето на земјотресот. Хрватите се заинтересирани да им ја дадат било која црква на бугарите, но таму во Софија не се реагира, а Скопје си направи црква. Треба да се ползуваат инструментите на ЕС.
Македонизмот најсилно се појави во Европа по 2006-та година, а по преговорите со Бугарија, се појави и барањето за признавање на македонско малцинство. Потоа следи Букурешт, а бугарската држава не реагираше ни брзо ни соодветно.
Треба да се одбележи дека во Хрватска има уште 500 нови емигранти бугари, кои овде имаат сопствени бизниси и се добро ситуирани. Тие не сакаат воопште да се вклучат во расправиите за македонско бугарските односи.
Има овде бугарско неделно училиште во кое има околу 34 деца, повеќето се од новата емиграција. Тоа училиште е приопштено кон Друштвото на Рашко. Има и деца од хрвати кои учат таму. Има и бугарско-хрватски бизнис клуб, се споредуваат искуства и има плодна соработка, но тоа е само форма на заеднички успеси во бизнисот.
БНТ4 Телевизијата е вклучена во пакетот на мобилните оператори, без политички преговори. Треба да биде јасно дека, бугарската политика во Хрватска нема “свој човек“, ние треба да соработуваме со сите политички фактори овде.
Неопходност е да се вклучат хрватите во чествувањето на Светите браќа, заради заедничкиот почит кој го имаме кон глаголицата. Тоа нешто може да биде фронт против руските, српските и македонистички дејствија денес на Балканот.
Пеколно топло летно попладне во Загреб. Го привршуваме разговорот со амбасадорката Генка Георгиева. Темни облаци на неизвесност и небиднина, се закажуваат на небото на бугарското опстојување овде. Што можат да направат старите, ако младите се срамат да се наречат бугари. Амбасадорката Георгиева е оптимист. Смета дека со соодветна ефикасна акција на бугарската држава, инстиуциите и политичарите, може да се направи соодветно политичко-културно лоби, кое ќе овозможи забавување на асимилацијата. Борбата овде, вели Генка Георгиева, значи да го прикажеме своето достојно постоење во минатите времиња, но и да се бориме да опстоиме и во иднина.
Да се надеваме…
