| | |

Љубовта на Вучиќ мириса дури до Софија

Пишува: Атанас Величков

Вучиќ ја сака РС Македонија и ги сака Македонците, тоа е нешто што сите заинтересирани го знаат, но сепак за истото јавноста во земјата треба да биде потсетувана редовно. За тоа не се грижат само новинарите во просрпските и проруски медиуми блиски до опозицискиот блок, овде на линија е и кореспондентот на МИА во Белград.

Ја имаме најновата и потполно иста изјава на Вучиќ за тоа колко ги сака Македонците и колку таа негова љубов е безусловна. Љубов татковска, дури и повеќе од тоа, бидејќи за таква љубов сонувале многу деца, кои потекнуваат од дисфункционални семејства. И сто пати Вучиќ да им каже на Македонците дека ги сака ќе биде малку. Неговата љубов е парадерска и за пред новинарските микрофони, но таа е силна и им ги грее душите на оние, кои си мислат дека, ако Бугарите ги добијат правата што им следуваат како граѓани на РСМ, некое нивно право ќе биде скратено. Например правото да ги навредуваат на јавни настани или пак од етерот на најгледаните телевизии.

Со таа задача, како што видовме од најновото изјавување љубов, прекрасно се справува повторно Вучиќ. Тој ги искара Хрватот и Бугаринот, затоа што му се мешаат во прашањето, зошто Србија не воведува санкции кон режимот на Путин. Како што вели шефот на српската држава, тие нека си ги решаваат нивните проблеми и да не берат туѓо гајле.

Ваквата изјава се разбира е пренесена од државната информативна агенција на РС Македонија, нашата држава, која ако некој има заборавено, веќе е членка на НАТО и сојузник токму со земјите, на кои Вучиќ со неговиот полуимператорски /полубиртијашки тон им се обраќа. Но, изјавата на Вучиќ не е толку важна за Скопје. Таа е многу поважна за официјална Софија, бидејќи таму во минатото на таа официјална Софија, се крие акушерот на плодот, направен од инцестоидната љубов меѓу големосрбизмот и манијакалниот руски империјализам, демонстриран од царисти, комунисти и путинисти со декади.

Бугарите да си ги гледаат нивните проблеми, за санкциите од Белград кон Москва да не се секираат, за Македонците исто така, затоа што нив Вучиќ ги сака. Тие не се оставени сами на провевот од отворениот прозор што гледа кон штафетата на младоста во чест на Тито и леко подотворената врата за почеток на евроинтеграциите. Во такви екстремни услови, само љубовта може да биде одговорот. Овде не зборуваме за ништо друго освен за љубов! Лицемерието е резервирано за еден друг главен град на Балканот, кој меѓу другото е преполнет со српски скари, но никако не може да ги добие истите чувства, со кои Белград го обљубува Скопје.

Бугарите во Бугарија не знаат дека и еден милион да се соберат на концерт на Цеца и сто илјади ресторани со уштипци и „паприка у павлаци“ да отворат, резултатот ќе биде еден и ист. А тоа е така бидејќи Белград ги користи сите возможни средства за да ја уништува бугарштината, при тоа не само на своја територија. Тоа е ноторен факт. Факт кој може да биде облечен во милион глупости за братства, исти вери, игриви ритми и уште поубави ќебапи. Од тоа нема никаква корист за никого. Ниту за Бугарите во Бугарија, ниту за македонските Бугари. Позади љубовта на српскиот шеф и чувар на Македонците, се крие омразата, потценувањето и исмевањето кон се што е бугарско, каде и да се наоѓа, без разлика дали зборуваме за пеплосаните од белата чума Западни покраини, за Република Северна Македонија или пак за НАТОвска и европска Бугарија. Таа Бугарија која не може да собере сили да го здроби на ситни парчиња туморот во строгиот центар на својот главен град, наречен Паметник на советската армија.

Станува збор за политика и достоинство. Ако на Вучиќ му е доволно да каже едно и исто нешто неколку пати, за да ги згрее „осамените“ души на Македонците, на истото не можат да се надеваат македонските политичари, а уште помалку нивните бугарски колеги. И едните и другите треба да покажат достоинство, но не парадерско, како љубовта на Вучиќ кон Македонците, а вистинско достоинство и да се разделат од навиките што им останале од минатото. Достоинствено и без лицемерие. Без патернализам и безмислени цитати. Грубо и искрено, без штедење на соговорникот. Оти тоа е вистинскиот начин, а зад другите опции се крие болната белградска љубов, а малку по на североисток и болната московска омраза. Со нив, треба да се справиме заедно, ако не можеме… тогаш не ни останува ништо друго освен да се надеваме српската скара во која сме до гуша заглавени „да пушти нешто од куќа“, а Цеца да излезе на бис!

Слични Објави