Бугарите во Милано ќе одбележат една деценија на „Ритмика“ со песни, танци и бугарска култура
Една деценија песни, танци, пријателства и средби со бугарската култура – таков осврт ќе направат на 28 ноември Бугарите во Милано, кои се дел од Бугарската асоцијација за културна размена и Фолклорната работилница „Ритмика“, јавува Actualno.com.
Прославата ќе започне во 14 часот со големо бугарско оро пред замокот Сфорцеско (Castello Sforzesco), кое ќе ги собере сонародниците и пријателите на Бугарија. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат на орото и да го претворат ова препознатливо место во Милано во сцена на бугарскиот фолклор.
„Почнавме со желбата да создадеме бугарски простор далеку од татковината – место во кое ќе ги зачувуваме нашите традиции, ќе се среќаваме и ќе им ги пренесуваме на следните генерации.
Низ годините, нашето семејство се прошири со Бугарското онлајн училиште ‘Аз, Буки, Веди’ и хорот ‘Бела ружа’. А Фолклорната работилница ‘Ритмика’ продолжи да ја раскажува бугарската историја преку танцот, песната и орото“, споделуваат од Асоцијацијата во поканата објавена на нивната фејсбук-страница.
Вечерта е предвиден свечен концерт на кој ќе настапат Фолклорната работилница „Ритмика“, хорот „Бела ружа“ и нивни пријатели. По концертната програма се предвидени свечена вечера, музика и забава со ора.
Историјата на Бугарската асоцијација за културна размена во Милано е тесно поврзана со желбата на бугарските иселеници да создадат бугарски простор надвор од татковината – место за средби, зачувување и пренесување на традициите. Организацијата активно учествува во културниот живот на Милано, претставувајќи ја Бугарија на различни настани, меѓу кои и меѓународниот фестивал „Il mondo in casa“ („Светот дома“).
„Своевиден доказ за мостот меѓу бугарскиот фолклор и италијанската култура е и хорот ‘Бела ружа’, составен претежно од Италијанци кои пеат бугарски народни песни“, изјави за Радио Бугарија претседателката на асоцијацијата „Ритмика“, Ана Сотирова.
„10 години песни и танци! 10 години пријателства! 10 години Бугарија – далеку од Бугарија!“, велат организаторите, кои го опишуваат јубилејот како почеток на следната приказна, а не како крај на досегашната. Тие упатуваат и покана:
„Ги покануваме сите наши пријатели, поддржувачи, колеги и истомисленици – оние што беа покрај нас низ годините и сите што сакаат да го споделат овој празник со нас!
Дојдете да прославиме! Да се фатиме на оро за сè што сме создале, за она што сме и за сè што ни претстои!“

