Бугарите во Уставот-неопходна промена

///

Пишува: Атанас Величков

Професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски еден од вклучените експерти во подготовката на Уставот на Република Македонија во 1991 г. и амандманите во Уставот од 2001 г. благоволи да даде амин за влезот на Бугарите (граѓаните на РС Македонија со бугарска етничка самосвест) во истиот тој Устав во чие креирање имал важна улога, но поради историските прилики, најверојатно немал време да мисли и за тие „поинакви“ Македонци од другите.

Кој би поверувал пред 5 години да речеме, дека „АСНОМскиот“ Македонец Фрчкоски нема да има никаков проблем со тоа македонските Бугари да бидат спомнати во Преамбулата на Уставот? Никој! Ниту претставниците на македонските политичка, научна или бизнис квазиелити, кои ја наследиле сета своја удобност од поранешниот систем, ниту жртвите на истиот тој систем и се разбира нивните замолчени потомци.

Фрчкоски обидувајќи се да спречи било каков напредок во односите меѓу Софија и Скопје, сака зборувајќи за Бугарите во РС Македонија да ја наметне лагата дека тие се малцинство. Тоа не е точно од два аспекти и професорот многу добро го знае тоа.

Првиот аспект е историскиот- Бугарите што живеат на територијата на РС Македонија не се малцинство, тие не се наоѓаат во туѓа држава. Нивна е идејата за независноста на нивната држава. Тие први го креваат слоганот за „Независима Македонија“. Токму Бугарите се оние Македонци, кои останале доследни на историската меморија и вистина. Останале доследни на својата суштина, без да залутуваат во „асномскиот“ македонизам на конвертитот и конформист Димитар Влахов, или во античкиот македонизам на бегалецот Никола Груевски.

Вториот аспект е формално-правниот, а имено, во Уставот на РС Македонија нема категорија малцинство. Во Преамбулата по прифаќањето на амандманите од 2001 г. се спомнуваат делови од народи. Македонските Бугари се токму тоа, дел од бугарскиот народ и тие како граѓани на РС Македонија го имаат полното право да бидат рамноправни со сите останати етнички заедници во земјата. Никој не бара посебни права за нив. Тие не се Индијанци и немаат потреба од резервати или пак посебна здравствена нега. Бугарите треба и ќе влезат во Уставот, но не како малцинство, без разлика колку пати таа глупост ќе ја повторат некои неупатени политичари од Бугарија или пак испечените и испробани во битка манипуланти како Фрчкоски. Толку за тоа.

Професорот вели дека со барањето на Бугарија, Бугарите да влезат во Уставот, Софија го признавала посебниот македонски идентитет и тоа било позитивно за Македонците.

Македонскиот идентитет е современа реалност. Истиот поради своите основни архитекти инжињери и технички лица, повеќе од 100 години е граден на целосно антибугарски темели, но тоа нам, македонските Бугари не ни дава право да се мешаме во интимата на луѓето што го прифатиле како свој. Без разлика дали тие изворот на својот македонизам го бараат во извитоперените биографии на македонските преродбеници, војводи и комити, кои од Бугари во историските читанки на југословенска Македонија станале Македонци, од АСНОМ или пак од античкото лудило на Груевски.

Предците на тие луѓе може би некогаш биле Бугари, но денес нивните потомци не се и тоа треба да се прифати. Тоа е реалност, од која нема бегање. Таа реалност треба да биде отсликана и во Уставот. Така е фер и коректно.



Македонските Бугари не делат ист поглед врз историската вистина со современите етнички Македонци. Немаат ни заедничка визија за иднината на земјата со повеќето од нив. Но тоа не ги прави македонските Бугари помалку Македонци од оние кои го прифатиле македонизмот со сите негови мани. Македонските Бугари се бедемот на македонската независност, затоа тие мораат да станат дел од Уставот без одлагање.

Овде не се работи за инает, а за човекови права. Ако некој верува дека е интергалактички Македонец што влече корени од Александар и е братучед со мир Газанфар од племето Хунза, никој не смее тоа да му го негира.

Гоце, Даме и останатите се друга приказна и тоа сите го знаат, без разлика на наративите, мултиперспективностите и останатите современи трендови.

Ние Бугарите што живееме во РС Македонија. Ние што сме родени во географската област Македонија не можеме да бидеме и не сме малцинство во државата. Токму затоа обидите на Фрчкоски да ја продаде приказната за некакво малцинство, за да извлече поента за некаква илузорна победа врз Софија ќе удрат во ѕидот, во чиј бетонски блокови има удел и самиот тој. Проѕирни се таквите пораки.

Од другата страна на Осогово, има свесни луѓе, кои многу добро сфаќаат дека влезот на Бугарите во Уставот на РС Македонија е позитивен потег. Тоа е одбрана на нивниот бугарски идентитет и македонска државотворна припадност. Тоа одамна требало да биде направено. Елементарно е.

Претходна статија

Бугарија нема да поддржи започнување на преговори за РС Македонија

Следна статија

(Видео)Радев: Нема компромис со РС Македонија додека не добиеме јасни гаранции од Скопје за решение на отворените прашања

Најново од Истакнато