| |

Бугарка ќе ја следи судбината на цивилите кои настрадаа од војната во Украина

Советот за човекови права на ОН ја назначи Бугарката Маријана Кацарова да ја набљудува ситуацијата во Русија и во окупираните украински територии во врска со цивилните жртви на воениот конфликт. Потребата од специјален известувач беше утврдена уште во септември поради засилувањето на руската репресија. Со 28 гласа „за“ и 17 воздржани, Советот побара од Русија да дозволи меѓународни организации да посетуваат украински деца и други цивили „кои биле насилно депортирани“ на териториите контролирани од Москва, пренесе AFP. Две држави гласаа „против“ – Кина и Еритреја.

Од Москва се бара „да стави крај на нелегалното присилно пренесување и депортирање на цивили и други заштитени лица од Украина во Руската Федерација, вклучително и „деца кои се наоѓаат во институции, деца без придружба и разделени деца“.

Маријана Кацарова е новинар, активист за човекови права и меѓународен експерт за човекови права. Во 2006 година, во Лондон ја основа меѓународната организација за човекови права RAW in WAR (Reach All Women in War), која секоја година ја доделува наградата „Ана Политковскаја“ на жените бранители на човекови права од конфликтните зони.

Кацарова е родена во Софија. Дипломирала новинарство на СУ „Св. Климент Охридски“ и на Колумбискиот универзитет во Њујорк. Специјализирала меѓународно право во Лондонската школа за економија, во Женевската академија за меѓународно хуманитарно право и човекови права и лидерство во Бизнис школата на Оксфордскиот универзитет.



Слични Објави