Ученици од училиштето за музичка и танцова уметност во Пловдив со концерт во Париз
Ученици од Националното училиште за музичка и танцова уметност во Пловдив на 29 април ќе одржат концерт во галеријата на Бугарскиот културен институт во Париз. Младите музичари Борис Биков (пијано), Јулиан Станчев (кларинет) и виолинистите Виктор Костов и Екатерина Стоева ќе изведат дела од композиторите Франц Лист, Сергеј Прокофјев, Бела Барток и Веселин Стојанов. Ова го објави бугарскиот културен институт во француската престолнина на својата Фејсбук страница.
Настанот започнува во 19.00 часот по локално време, влезот е бесплатен, но оние кои сакаат да присуствуваат мора да се пријават на е-маил адресата: [email protected]
Националното училиште за музичка и танцова уметност „Добрин Петков“ во Пловдив е една од главните образовни институции во сферата на бугарската музичка уметност, под ингеренции на Министерството за култура на Бугарија. Образовната институција е носител на почесниот степен „колективен член“ на Бугарската академија на науките и уметностите.
Материјалната база на училиштето располага со сала за концертни и балетски изведби, камерни сали за солистички и ансамбалски концерти, библиотека со нотна и специјализирана музичка литература, компјутерска сала, мултимедијална сала, кабинет за историја на музика опремен со аудио и видео систем.
Во училиштето се спроведува сеопфатно општообразовно и музичко оспособување од прво одделение до четврта година. Учениците се обучуваат во специјални инструментални, балетски и вокални паралелки. Тие се лауреати и носители на награди од престижни меѓународни и сите национални музички натпревари, пишува на официјалната веб-страница на музичкото училиште. Наставниот кадар е составен од висококвалификувани педагози, меѓу кои има носители на државни и културни награди.