| | |

„Бугарка“ од милион долари

Пишува: Атанас Величков

Во овие жешки денови во буквална и во преносна смисла, во кои премиерот Мицкоски гордо ја брани Македонија за дома и Република Северна Македонија за надвор, од Грци, Бугари и ДУИ уште еднаш се убедивме дека освен освен културата и бизнисот може да биде мост меѓу луѓето. Мост на разбирачка, мост по кој додека одиш можеш и државјанството да си го смениш, но во моментот кога ќе се симнеш од истиот, да бидеш пак тоа, што си бил претходно, но со претензии.

Случајот со поранешната Бугарка министерката Сања Божиновска е примерот што го следеле огромен процент од оние фамозни 120 илјади граѓани на РСМ, кои земале бугарски државјанства. Ги земале од потреба, си завршиле работа и сега патриотскиот нагон за чистење на „избугаризираната“ совест ги тера некои од нив- исто како Мицкоски до последен здив да зборуваат со презир за Бугарија и сѐ што е бугарско.

Темата на овој напис не е моралот. И покрај фактот што нема ништо морално во тоа да отидеш во Софија своеволно да се бугаризираш и потоа во секој удобен момент да ја напаѓаш државата, која ти овозможила да заработуваш и да живеш нормално. Нема тука никаков морал, затоа и го оставаме настрана, таму меѓу џемперите, јакните и нафталинот против молци, непотребни во ова жешко време.

Во случајот се работи за чест и достоинство! Дури и во вакво материјално и конзумеристичко време има место за овие две работи.

Соработникот на нашиот портал, доајенот на пишаниот збор на македонските Бугари Владимир Перев, во една прилика ќе каже дека давањето на бугарски пасоши на граѓани на Република Северна Македонија е хуман гест, во кој сите инволвирани знаат дека се лажат меѓусебно. Тоа е горката вистина. Кога зборуваме за Киро од Виница или Наде од Кичево, кои се надеваат на попристојна заработувачка во некоја од земјите во ЕУ е токму така. Но, дали истото важи и за капацитет од рангот на новата министерка за енергетика, чии менаџерски способности, сериозните конекции и бугарскиот пасош ѝ овозможиле да сврти неколку десетици, да не речеме стотици милиони евра за само една година? Ќе рече некој, дека овде се работи за философско прашање. Па ајде тогаш по историската, да создадеме и една философска комисија и да ги најдеме одговорите, на прашањата што нѐ измачуваат.

Единствените луѓе што можат да го прекинат целиот овој водевил со актери, кои не можат ни да помислат за голема сцена се пратениците во бугарскиот парламент. Тие многу лесно можат да ја спречат појавата на нови квазибугари, кои откако ќе си завршат работа со бугарските пасоши, ќе излегуваат во јавност и ќе глаголат дека „ си се само Македонци, а пасошот им бил само еден патен лист, за да можат да си ги исполнат плановите“.

Штетата веќе е направена! Стотици се вистинските македонски Бугари од РСМ, кои не успеале да земат бугарски лични документи, затоа што ги немале потребните документи, за да го докажат својот произход. Да тие не го владеат добро бугарскиот литературен јазик и не велат хляб, туку леб, но тоа не ги прави помалку Бугари, оти мајка и майка се изговора на ист начин и во Прилеп и во Хасково.

Не треба да се чека ни ден таа неправда да биде поправена. Бугарија треба да се погрижи за своите вистински деца во земјата со која пркосно ќе раководи премиерот Мицкоски и неговата блиска соработничка поранешната Бугарка Сања Божиновска.

Токму затоа, измените во законот за бугарско државјанство се од исклучителна важност. Начинот на кој, бугарските документи за идентификација, кои се и симбол на бугарската државност се омаловажуваат до ниво патни листови, само го прикажува презирот, со кој се гледа на бугарската држава. Презир, скриен пред шалтерот за подигање на готовите документи, позади лицемерните насмевки, откако подносителот и службеникот, ќе се поздрават со „имајте убав ден“ и никогаш повеќе нема да се видат.

Бугарските државјанства треба да се доделуваат свечено, со заклетва пред бугарското знаме и со фотографија до истото. Така, откако ќе се појави некој нов капацитет како новата министерка, ќе знаеме дека Бугарија има уште еден успешен човек, без разлика дали се работи за врвен актер, музичар или менаџер што раководи со милионски суми во евра.

Бугарските државјанства не се алатка за правење пари, бегање од правда или дозвола за работа, тие се симбол на бугарската државност и ништо помалку од тоа.

Пратениците во бугарскиот парламент, треба да стават крај на тоа понижување на Бугарите во Бугарија и на Бугарите во Република Северна Македонија. Нема како поинаку.

PS: Треба да се објават имињата не само на идните бугарски државјани од РСМ, туку и на сите кои после 1990 г. добиле бугарско државјанство, за да биде играта фер и коректна.

Слични Објави