Бугарската актерка Марија Бакалова ќе биде амбасадорка на бугарскиот туризам
Бугарската актерка номинирана за „Оскар“, Марија Бакалова, се приклучи на иницијативата на Министерството за туризам за промоција на Бугарија во светот. На средба со министерот за туризам, д-р Илин Димитров, таа ја прифати поканата да стане амбасадорка на бугарскиот туризам и да ги претставува своите омилени места и доживувања, јавува Актуално.
Бакалова истакна дека е особено воодушевена од бугарските рози и традицијата на берење рози, кои ќе бидат вклучени во нејзин претстоен проект. „Имаме убава и гостопримлива земја и треба да ја покажуваме пред што повеќе луѓе. Затоа секогаш со гордост раскажувам за Бугарија“, изјави таа.
Актерката престојува во Бугарија поради снимање меѓународна филмска продукција, во која ја игра главната женска улога. Таа нагласи дека во секој проект се обидува да предложи бугарски екипи и локации.
Иницијативата почна со победничката на „Евровизија 2026“, DARA, и кревачот на тегови Карлос Насар. Во неа се вклучија и Стојан Копривленски, Тервел Замфиров и Лора Христова, чии видеопораки ќе се објавуваат во меѓународни медиуми и на дигитални платформи.
