Бугарската православна заедница во Рим доби постојано место за богослужба
Бугарската православна црковна општина „Св. Седмочисленици“ во Рим доби ново постојано место за богослужба. На 16 јули, во Викаријатот на Рим, беше потпишана конвенција за литургиско користење на храмот „Св. Георгиј и англиските маченици“, во институтот „Mater Dei“, објави бугарската редакција на Радио Ватикан, пренесува БТА.
Документот, подготвен по повеќе од три години преговори, го потпишаа Конгрегацијата на сиромашните служителки на Богородица „Mater Dei“ и Бугарската православна црковна општина во Рим. Во име на Западно- и Средноевропската епархија, со благослов и полномошно од митрополитот Антониј, спогодбата ја потпиша ставрофорниот иконом проф. д-р Иван Иванов, архијерејски намесник за Италија и Малта и претседател на општината.
Заедницата ќе може да служи света Литургија секоја втора недела, како и богослужби за големите Господови и Богородични празници. Ќе може да поставува подвижен иконостас и богослужбени предмети, почитувајќи го литургискиот живот на католичката заедница.
Во конвенцијата се наведува дека отстапувањето на храмот е израз на „братска соработка, заемно почитување и заедничко христијанско сведоштво“ во Римската бискупија. Храмот се наоѓа во кампусот на „Temple University Rome“, каде што работи и бугарското неделно училиште „Асен и Илија Пејкови“, што ќе овозможи поврзување на богослужбениот живот со образовните и културните активности на бугарската заедница.
