Како е менувана етничката припадност на дејците на ВМОРО
Пишува: Зоранчо Маринков
Само седум години после смртта на Даме Груев, според книгата “Срби и Бугари у прошлости и садашности” издадена во 1913 год. во Белград, основачот на ВМОРО не бил Българин, затоа што не припаѓал на татарското племе, туку бил Србомакедонец. Но, потоа станал предавник и се борел за побугарување на Македонија.
Дали теориите напишани во оваа великосрпска пропагандна книга од пред 110 години, само малку модифицирани, звучат познато денес?
Да видиме дел од нив.
“Србите знаат за четници, ускоци, хајдуци, харамбаши, па треба да знаат и што се “комити”. Тоа се четници, но такви што ги има собрано, вооружено, обуено, облечено и обезбедено со пари еден “комитет” (здружение). Како луѓе зависни од комитетот, тие ѝ се нарекуваа “комити”.
Бугарските војводи беа според работата и витешките способности чиста спротивност, на она што кај Србите смееше да се нарече војвода. Сингелич, Хајдук Велко и Чернопеев, Пеко Павлович, Лазар Сочица, Мича Љубибратич и – Коча Куршум!
Сепак, мора да се признае, дека првите бугарски борци, првите комити, имаа во своите редови и достојни луѓе, од добри позиции во општеството, само што тоа не беа припадници на татарското, тука на Србомакедонското племе. (Груев, Полковник Јанков и голем број други чесни борци родени во Македонија, кои навистина сакаа таа да биде ослободена од турската тиранија).
Бугарските комити ја спроведуваа крваво својата мисија за побугарување на Македонија и делот на Стара Србија до зад Штип, Кочани, Струмица, Кукуш…
Во цела Јужна Србија и Македонија нема ниту една црква, ниту еден манастир, ниту едно црква кои би биле бугарски…
Последното поголемо движење го направија, повторно насилно, во 1903 год. српскиот воспитаник и предавник, приличниот идеалист, Дамјан Груев и Коча Куршум, кој за време на неговото србување, едно време беше полицаец на началството во Крушевац, Србија. Се разбира дека ниту тоа движење не беше во близина на Бугарија, ниту помеѓу бугарско население…
Од досегашните податоци за делата на Бугарите, се виде колку беа тие нечовечки. “Нека само Македонија да се означи како бугарска, па макар во тоа означување да загинат и сите Македонци…”
За да човек види дали овие теории имаат некаква врска со реалноста и со здравиот разум, доволно е само да се прочита што напишал и кажал за себе си Даме Груев.
Да се потсетиме:
Даме Груев сопствено рачно се потпишува на писмото испратено до пратениците во српскиот парламент во јануари 1890 год. Тој заедно со неговите другари биле ученици во Белград, но си заминуваат бидејќи не ја прифаќаат српската пропаганда и го испраќаат гореспоменатото писмо.
Тие јасно кажуваат дека се българи од Македонија, дека мнозинството од населението во Македонија е българско и дека тие не сакаат да станат орудија на српската пропаганда против нивната сопствена народност.
“На секој му е познато, дека таа земја е населена во мнозинство од славјани, и тоа – българи. Меѓутоа веќе некое време, српското јавно мислење толку се завзеде преку пишување да ги посрби македонците, што тоа завземање стана вистинска страст, како на сите српски новинари, така и на државниците, книжевниците, па и на некои приватни лица. Не слушајќи толку авторитети од образованиот свет, тие сакаат да го уверат целиот свет, дека во Македонија живеат чисти, тврдокорни срби”.
…”На крајот на краиштата, благодариме за големата хуманитарност на српскиот народ, што не издржуваше за ова време, но во интерес на српството и подобрите односи помеѓу српскиот и нашиот – българскиот народ, ние го молиме српскиот народ да не ја вложува и понатаму својата пот во таква цел, бидејќи сето тоа господа пратеници ќе отиде во ветар.
“Крвта не е вода”, се вели во српска народна поговорка и белким е време српскиот народ да се користи со искуството она што го стекнале неговите и нека секој Србин да знае, дека така како што секој Србин би претпочитал да ја даде неговата глава, одколку да го промени гордото име – Србин, по истиот начин секој Българин ќе ја заштити својата народност до последната минута од секој туѓ напад.”
“Адреса бивших питомаца Друштва Св. Саве, родом из Македониjе – Српскоj народноj Скупштини”, публикувано во “Грађа за Историју Македонског Народа”, Том V, Книга I, Белград, 1988 година
Нецели две години пред неговата смрт, Даме Груев дава интервју за рускиот весник “Новое Время”, кој се издавал во Санкт Петербург. Интервјуто е објавено во два дела, во броевите на весникот – 10365 од 6 (19) јануари и 10366 од 7 (20) јануари 1905 година. Во него јасно кажува каква е неговата народност, кажува за дејствијата на српската пропаганда во Македонија после Илинденското востание и за борбата на ВМОРО против неа.
“Да прејдеме на северо-исток на Македонија, кон србите; до востанието тие ја ограничуваа својата национална пропаганда до определени реони, немаше преминување на села од Патријаршијата кон Егзархијата и обратно. Немаше повод за дразнење на националните чувства, и Българите и Србите беа привикнали на постоечкото статус-кво. При тоа и националните интереси тогаш силно се маскираа од политички, со очекуваното од сите (Българи и Срби) претстојно востание.
По време на востанието Србите имаа инструкции од Белград, да сочуваат благожелателен неутралитет кон востаниците. Ние бевме задоволни со тоа. После востанието ситуацијата се промени. Ефектот од востанието и призракот на блиската македонската автономија ги исплаши Србите од кралството; тие сакаа тоа да се случи што е можно подоцна и за тоа време побрзаа со српската пропаганда, на која што ѝ го рашираа реонот и тоа со доста неморални и предизвикувачки средства. Например, само на оние пострадани од востанието се даваше помош во вид на брашно, кои се согласуваа да се објават за Срби и патријаршисти. Тоа нарушување на статус-квото од Србите предизвика непријателски чувства од страна на Българите, дотолку повеќе, што после востанието националистичките интереси одново го зазедоа врвот во умовите на населението. Се појави енергично спротивставување на српската пропаганда од страна на Българите”.
Понатаму во неговото интервју Даме Груев го кажува и следното:
“Ви зборувам наполно искрено, србите дадоа поводи за создавање на таква ужасна атмосфера; българите во Македонија се држат полојално отколку грците и србите, можеби затоа што, нашите таму се мнозинство и ние чувствуваме солидна морална почва под нозете. Българската девиза “политичка слобода” – дејствува многу привлечно кај населението.
“Јас уште не сум ви кажал сѐ. Таму сега е многу, многу лошо;
расположението на духовите е до висок степен напрегнато и тревожно… Сега сеуште како и нашите, така и србите се воздржуваат од крајности. Ние ги употребуваме сите напори за взаемно скротување и успокојување на умовите. Но, ако србите не ги ограничат своите вонредни амбиции, не престанат да испраќаат чети, со кои што со насилства, убиства и кодошења го пропагираат србизмот таму, тогаш ние не ќе можеме да ја спречиме катастрофата.
Вие знаете дека е возможен еден општ колеж во борбите во Македонија. Во градовите, паланките и големите села, бројот на осознаените българи е многу голем. Србите ние би можеле сосема да ги истребиме, но и ние ќе ослабнеме во тоа безумно и безцелно Вартоломеевско колење. Од тоа во секој случај нема да изгубат нашите заеднички непријатели, борбата против коишто е нашата цел. Независно од тоа, таквото животинско истребување крајно го деморализира и развратува населението. Ете зошто, јас искрено сакам да се избегне таква ненормална состојба…”