Бугарската амбасада во Скопје и оваа година се вклучи во Добротворниот дипломатски базар во организација на ,, Dobredojde Macedonia Welcome center “
Бугарската амбасада се вклучи со свој штанд на традиционалниот Добротворен дипломатски базар во организација на ,, Dobredojde Macedonia Welcome center “. Настанот се одржа во хотелот ,, Мериот” и на истиот учествуваа поголем број странски амбасади во РС Македонија, меѓу кои дипломатските претставништва на Јапонија, Полска, Француската Република, Република Словенија, Република Словачка, Чешката Република, Романија, Кралството Шпанија, Швајцарија, Делегација на Европската Унија во Скопје и Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
,, Премногу сум среќна што и годинава учествуваме на Добротворниот дипломатски базар. Во 2020 година бевме почесни претседатели, тогаш одбравме фокусот да биде врз децата болни од канцер. Оваа година наши бенифициенти и бенифициенти на сите амбасади се децата и луѓето без родители и со посебни потреби”, изјави Билјана Ангелова сопруга на бугарскиот амбасадор во РС Македонија Ангел Ангелов.
Таа го изрази своето задоволство од фактот што на базарот присуствуваа голем број на луѓе.
,, Ми се полни душата кога гледам толку многу луѓе кои сакаат да бидеме заедно и да помагаме”, подвлече Ангелова.
Таа го претстави бугарскиот штанд што беше изложен на настанот.
,,На нашиот штанд беа изложени производи што сме ги направиле ние од амбасадата, многу интересни и вкусни домашни производи, ракотворби, картички и многу други работи. Им благодарам на уметниците што се одлучија да се вклучат и да донираат нивни дела, за доброто на нашите бенифициенти”, изјави Ангелова.
Специјални гости на настанот беа сопругата на претседателот Стево Пендаровски, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска и амбасадорот на Европската унија во Скопје, Дејвид Гир. Амбасадорот Гир со свечен говор ги поздрави сите учесници на дипломатскиот добротворен базар.