| |

Бугарската држава ќе им помага на иновативните компании

Бугарската Влада ќе продолжи да ги поддржува иновативните компании и развојот на високотехнолошките индустрии, вклучително и вселенскиот сектор, изјави министерот за иновации и дигитална трансформација Иван Василев на настан во Софија организиран од бугарскиот производител на сателити „ЕндуроСат“, пренесува БТА.

„Меѓу главните приоритети на Владата е да ја претвориме Бугарија во најдоброто место за започнување и развој на бизнис со висока додадена вредност. Фокусирани сме на постигнување на оваа цел до 2030 година“, изјави Василев, цитиран од прес-центарот на Министерството за иновации и дигитална трансформација.

Тој посочи дека целта е трансформација на бугарската економија кон високотехнолошки индустрии и поддршка на домашните иновативни компании што работат во клучните сектори.

„Бугарија има потенцијал да биде лидер во технолошките промени на кои сме сведоци во светот, а компанијата за аерокосмичка техника ‘ЕндуроСат’ го докажува тоа“, рече Василев.

На настанот учествуваа десетици основачи, директори и технички раководители на водечки компании од вселенската индустрија од повеќе држави.

„Нашата земја има богата историја во вселенската индустрија, со која се гордееме. Горди сме и денес што ги гледаме успесите на ‘ЕндуроСат’, која се вбројува меѓу водечките светски компании“, изјави министерот.

Василев го истакна и значењето на Меморандумот потпишан меѓу „ЕндуроСат“ и француската компанија „Аријанеспас“ во Елисејската палата во Париз, во рамките на Меѓународниот самит за вселенски прашања.

„Ова е огромен успех и покажува дека Бугарија располага со талентот и екосистемот неопходни за создавање водечки компании“, додаде тој.

Според Министерството, двете компании со меморандумот предвидуваат да ги обединат капацитетите за производство на сателити во голем обем со можностите што ги нуди најголемата европска ракета-носител. Иницијативата е насочена кон поддршка на конкурентен вселенски екосистем и стратегиската автономија на Европската Унија.

Василев информираше и дека активно се работи на приоритетниот проект во Доброславци за создавање центар за вселенски технологии. Проектот предвидува развој на високотехнолошка индустриска зона со фокус на вселенски технологии, истражување и развој, со цел поттикнување инвестиции, технолошки трансфер, иновации и отворање висококвалификувани работни места.

Основачот на „ЕндуроСат“, Рајчо Рајчев, на настанот ги претстави проектите на кои работи компанијата и својата визија за забрзан развој и профитабилни вселенски мисии.

Компанијата го претстави и следното поколение сателити со тежина до еден тон. Според информациите презентирани на настанот, „ЕндуроСат“ има повеќе од 100 сателити во орбитата.

На настанот присуствуваа и министерот за образование Георги В’лчев, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, како и претставници на дипломатскиот кор, бизнис-секторот и други гости.

Слични Објави