Амбасадорката на Бугарија во Ирска, Вања Андреева, се сретна со истражувачката на морски светилници Бела Бенова
Бугарската истражувачка на морски светилници, фотографка и авторка Бела Бенова поминала 3.700 километри со велосипед по крајбрежјето на Ирска и Северна Ирска за 105 дена, соопшти Амбасадата на Бугарија во Ирска по нејзината средба со амбасадорката Вања Андреева, пренесува БТА.
За време на патувањето Бенова ги фотографирала морските светилници и природните предели по брегот на островот.
„Бела нè пренесе во нејзиното неверојатно патување – 105 дена, 3.700 километри со велосипед по крајбрежјето на Ирска и Северна Ирска, фотографирајќи ги морските светилници и впечатливата природа на островот“, наведоа од бугарската Амбасада.
Бенова за време на средбата зборувала и за условите на островската клима, како и за средбите со локалните жители.
„Бела со возбуда раскажува и за незаборавните средби со гостопримливите луѓе на Смарагдниот Остров – за неочекуваните разговори, подадената рака, малите гестови на добрина и пријателствата што остануваат долго по завршувањето на патувањето“, се наведува во објавата на дипломатското претставништво.
Бенова планира да подготви двојазичен фотографски албум и патувачка изложба, преку кои пред публиката ќе ги претстави островските брегови, морските светилници и луѓето кои живеат покрај морето.
Таа е авторка и на книгата „По патот на пулсирачката светлина“, посветена на светилниците долж бугарското Црноморие.
За време на средбата Бенова потпишала примерок од книгата и ѝ го подарила на бугарската амбасадорка во Ирска, Вања Андреева.
Од Амбасадата ѝ се заблагодариле за средбата и ѝ посакале нови патувања и проекти.
