| |

Бугарската елка повторно е дел од изложбата „Божиќ низ светот“ во Чикаго

Бугарската заедница во Чикаго и годинава ги претстави божиќните традиции од својата татковина со елка украсена со рачно изработени сурвачки, кукерски маски, везови и делови од народни носии. Елката е дел од меѓународната изложба „Божиќ низ светот и празници на светлината“ во Музејот на науката и индустријата „Грифин“, објави порталот Eurochicago, пренесува БТА.

На изложбата се претставени повеќе од 55 елки преку кои посетителите можат да се запознаат со традициите и обичаите на различни народи за време на зимските празници. Бугарската елка се издвојува по украсите од валана волна, минијатурните кукерски маски, коледарските стапови и везовите.

Украсите ги претставуваат бугарските обичаи, меѓу кои се коледувањето и Сурва, со кои се упатуваат желби за здравје, плодност, среќа и благосостојба.

Во подготовката и украсувањето на елката годинава учествуваа Ана-Марија Бунев, Галина Генчева од здружението „Хоро“, Ана Илиева од „Булгарика“, Никола Масларски од „Братство Хајдути“, Јанка Велева, Рени Цанкова, Христина и Радослав Маринови, како и Петранка и Петар Стаматови од Бугарско-американското здружение и „Еврочикаго“.

Организаторите посочуваат дека елката секоја година ја украсуваат волонтери од бугарската заедница, кои одвојуваат време и вложуваат труд за да им ги доближат бугарските традиции на посетителите на музејот.

Свеченото палење на светилките на елките е закажано за 7 ноември. На 21 ноември ќе се одржи традиционалниот појадок за учесниците во украсувањето. Изложбата ќе трае до 3 јануари 2027 година, а украсите ќе бидат отстранети од 6 до 11 јануари.

Слични Објави