| |

Бугарската и македонската историографии- чии заблуди за Гоце се поголеми?!

Пишува: Маузер

Пред неколку дена се навршија 150 години од раѓањето на апостолот на македоно-одринската револуцонерна борба – Георги Делчев. Актуелна е дискусијата што бил Гоце, каков бил според неговата етничка припадност, за што се борел и тн. Не верувам дека постои друга историска личност која што е толку дисецирана и да е толку голем предмет на спор како што е личноста на Гоце Делчев. Околу неговото значење за македонскиот и бугарскиот народ, околу неговите цели и размислувања постојат тон заблуди и од двете страни на границата.
И македонската, но и бугарската страна се трудат да го насликаат Гоце колку што е можно повеќе во светлото кое им одговара на двете страни и навистина може да кажеме дека има вина од сите страни. Сепак не секоја вина е еднаква. Како што не можете да ги ставите на исто рамниште Перо што украл кубик дрва од шумата и директорите на ТАТ што илјадници семејства ги лишија од животните заштеди и ги доведоа до пројсачки стап, така и во спорот за Гоце тоа што всушност ги разликува двете страни е степенот до кој било која од двете идеализирани слики отстапува од таа реалната.

Со бугарските заблуди околу Гоце од бугарска страна често се бави историчарот Стефан Дечев. Тој во својот текст „Денешниот бугарски и денешниот македонски Гоце“ ги анализира и покажува заблудите од двете страни, но главно фокусот му е за на тие од бугарската страна. Што е и нормално бидејќи секој си го гледа и познава својот двор најдобро. Текстот е фактички во целост точен и немам намера да спорам со изнесените тврдења. Повеќе би сакал да ги доработам искривувањата од македонската страна кои не се доволно споменати бидејќи се оддава чувство како и двете страни да грешат исто, можеби бугарската повеќе, па затоа дај да си го славиме Гоце задно каков што си бил – етнички Бугарин, но политички Македонец. Бидејќи како што кажав, не секое искривување на вистината е исто и од ист степен да видиме која страна всушност повеќе отстапува од наративот „етнички Бугарин политички Македонец“.

Во текстот е спомнато отвореното писмо на македонските „интелектуалци“ и „историчари“ во кое што се противат на заедничкото славење на Гоце Делчев од бугарска и македонска страна. Линк до таа збриштина на глупости можете да најдете тука. Помеѓу многуте митoви во Македонија е и тврдењето на „интелектуалците“ за самата борба на Гоце.


„Дали ќе го чествуваат како Македонец и апостол на македонското револуционерно движење, кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската империја како чекор кон независна македонска држава со Македонци или како Бугарин, кој се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија т. е. за Македонија како дел од бугарската држава?!“

Додека е вистина дека се борел за автономија за Македонија, доказите за тоа дека неговата борба е за независна држава како следен чекор се генерално лабави. Всушност и самата идеја на Организацијата што понатаму после автономијата е голем прашалник. Автономијата на Македонија и Одринско е веројатно најдалечната точка до која што сите страни се согласуваат и најизводлива во дадените меѓународни политички прилики. Што понатаму е сепак голема дебата, а и самите дејци често пати се премислувале околу тоа кој е најдобриот следен чекор. Пример го имаме Татарчев во своите спомени кои ја спомнува како чекор кон обединување, а имаме и пишувања како оние во весниците кои се неформалните ПР органи на Организацијата каде што како конечна цел се имплицира независност или државност во ракмите на некоја си Балканска федерација. Затоа и всушност имаме покасно и толкави поделби, атентати, братоубиствени борби и паралелни оранизации. Тие никогаш јасно не дефинирале што понатаму и го менувале својот став во зависност од приликите.

Нејсе, нека им е дека се бореле Гоце и целото ВМОРО за независна Македонија. Ете да го прифатиме дека тоа било главната цел од почеток до крај. Што ако се борел за независност, дали тоа го прави помалку Бугарин? Дали сега борците на УЧК од Косово се косовари без никаква допирна точка со Албанија? Секако дека не. Слично на припадниците на ВМОРО, тие на УЧК прифатиле дека една држава со Албанија тешко ќе може да добијат, но ќе можат да создадат една мултиетничка држава со предимство на албанскиот елемент кој ќе се зачува во својата целост и утре само на хартија ќе има граници со Албанија меѓу другото и во рамките на ЕУ. Тоа што косовските Албанци извојуваа пред 20 години, е истото за што се бореле македонските Бугари неуспешно 100 години пред нив.
Гоце според пишувањата на десетици негови современици, пријатели, соработници, најблиски роднини, па и самиот тој лично во крајна сметка, секогаш се гледал како дел од бугарскиот народ, а Македонците како смеса од сите етнички групи што ја населуваат Македонија. Делчев самиот никогаш не пројавил особен интерес за создавање на некаква македонска нација или македонски етнос. Можеби неговата дејност допринела до развитокот на истата, но тој не познавал ниту пак разработувал таков концепт. Како што ќе пише Дечев, тоа е една и од грешките на Гоце кои ги спомнува комунистичкиот хоштаплер Тодор Павлов. Имајќи го тоа на ум, можеме да си создадеме една идеја за тоа како би изгледала неговата независна Македонија. Дали Котлар, Чепреганов и останата тајфа која што стои зад писмото би се пронашле во независната држава како што ја замислувал Гоце? Со бугарски како официјален јазик, мултиетничка држава со доминантен бугарски етнос, со учење на бугарската историја како своја, со бугарска црква и најтесни односи со Бугарија како држава? Чисто се сомневам дека такво нешто би им било прифатливо. Та тие не можат да прифатат дека можеме заендички да го чествуваме Гоце, а не пак да прифатат втора бугарска држава.

Прашањето е чии заблуди се поголеми? Тие на бугарската страна или пак тие на македонската? Ако ништо друго иако селективна, позицијата на повеќето бугарски историчари има некое упориште. Како што веќе напоменав идејата за независност или спојување кон Бугарија после автономијата е многу лабав концепт и можеме само за него да теоретизираме. Факт е исто така како што спомнува Дечев дека Гоце е цитиран дека за него автономијата е само чекор кон обединување. И не е само Ципушев во 1943 како што тој спомнува со цел да го минимизира значењето на тој цитат, туку и Ќосето кажува слични тврдења за Гоце во 1931. Ниту тој, ниту пак Ципушев се случајни ликови. Реално нема ништо чудно во таквите изјави бидејќи целта кон која активно работат е само автономијата – се понатаму е оставено на тоа како ќе се развиваат приликите. Затоа и цело ВМОРО, вклучувајќи ги и најголемите поддржувачи на автономијата, балканската федерација и сл. настауваат како крајни бугарски националисти во ПСВ, а после нејзе се формираат две ривалски фракции со крајно различни идеи за решавање на македонското прашање од кои ниту едната не вклучува обединување со Бугарија.

Ајде и тука ќе попуштиме, ете Гоце да бил во целост Македонец од почеток до крај, потомок на Аминта, кој се борел за независност со посебен македонски етнос. Дали пак може да стане збор дека Гоце не е дел од заедничката историја? Не. Македонецот Делчев делувал во организација која што ја вклучува и Одринска Тракија(што исто така зборува плус за етничкиот карактер на ВМОРО). Неговата борба е и за ослободувањето на тракијските Бугари. Тој го раководи конресот на одринскиот револуционерен округ, организира фабрика за бомби/експлозиви во Бургас за потребите на истиот, оди во неколку обиколки низ Одринско работејќи за таа организација таму. Самото тоа го квалификува да е еден од хероите во бугарската меморија, а да не зборуваме дека бил Егзархијски учител, дека говорел и пишувал на бугарски јазик, дека своето делување секогаш го врзувал со Бугарија и со приликите таму, дека учел за бугарски официр, дека како војводи носел бугарски офицери и дека неговата фамилија како бугарска се населува во Бугарија,а неговиот татко прима пензија од Фердинанд и од ВМРО на ноќната мора на Котлар и Чепреганов- Тодор Александров.

Факт е дека националните историографии на речиси сите држави изобилуваат со митови, упростени раскази и вклупување на одредени личности во некаков калап. Ниту македонската, ниту пак бугарската се исклучок од тоа и следејќи го овој спор тоа станува повеќе од јасно. Тоа што пак ги разликува двете страни во голема мера е степенот до кој што тие го прават тоа и отстапуваат од реалноста. Ако бугарската страна премолчува некои факти со цел да го „добугарчи“ Гоце, македонската прави целосно извртување и перверзија на неговиот лик и дело и проектира свои видувања за неговата национална припадност и борба кои немаат никаква допир со реалноста во која што Делчев живеел и делувал.

Слични Објави