Бугарската претседателка Илијана Јотова: Во интерес на светот е да се развива економијата, а не да се разгоруваат конфликти и војни
Во следните години Бугарија ќе има сè поважна улога како гарант на безбедноста и на инфраструктурната, енергетската и дигиталната поврзаност во Европа. Бугарските компании имаат можност активно да се вклучат во проекти од кои корист ќе имаат и нашата земја, и целиот континент, и светот, бидејќи сите имаме интерес да се развива економијата, а да не се разгоруваат конфликти и војни. Ова го изјави бугарската претседателка Илијана Јотова на свеченото доделување на наградите на победниците на конкурсот „Мистер и Мисис Економија“.
На настанот присуствуваа бугарски претприемачи и претставници на извршната власт, меѓу кои и вицепремиерот и министер за финансии Галаб Донев, вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев и министерката за труд и социјална политика Наталија Ефремова.
Свеченоста ја организираат списанието „Економија“ и Конфедерацијата на работодавачите и индустријалците во Бугарија. Со традиција долга 35 години, „Мистер и Мисис Економија“ е најстариот деловен конкурс во земјата. Од 2023 година, главната награда секоја година ја врачува Илијана Јотова. На свеченоста претседателката му го врачи признанието „Мистер Економија“ на Иван Добрев, извршен директор на КЦМ АД, една од водечките индустриски компании во Бугарија и најголем производител на олово и цинк во Југоисточна Европа. Добрев го доби признанието за придонесот во развојот на бугарската металургија, модернизацијата на индустриското производство и афирмацијата на ефикасни модели на работење.
Јотова во своето обраќање посочи дека не е случајно што следната пролет Бугарија ќе биде домаќин на голем самит за поврзаноста. Како што рече, европските и светските партнери го препознаваат значењето на Бугарија и поради нејзината географска положба и поради можностите што ги нуди. Таа ги повика бугарските компании да се вклучат со свои проекти во партнерство со странски инвеститори.
Јотова нагласи дека бугарската економија, деловниот сектор и државата денес не можат да си дозволат само да ги користат новите технологии, туку мора и да ги создаваат. Таа ја истакна изградбата на бугарската фабрика за вештачка интелигенција BRAIN++, која е дел од европската стратешка инфраструктура за вештачка интелигенција, како и работата и научниот потенцијал на институтот INSAIT.
Претседателката се осврна и на значењето на социјалните аспекти на претприемништвото. „Ниту една компанија не може да биде успешна ако не се грижи за своите вработени“, рече Јотова. Таа ја истакна и улогата на деловниот сектор во воведувањето нови технологии и во заштитата на животната средина.
„Лидерството се препознава таму каде што се создаваат добри тимови. А на добрите тимови им се потребни добри вработени, добри раководители и луѓе кои умеат и да дадат насока и да ги поведат и да ги воодушеват другите“, рече Илијана Јотова.
