Бугарската претседателка Јотова со порака за 22 Септември: Независноста е обврска да ја градиме Бугарија како сигурен и просперитетен дом
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, по повод 22 Септември – Денот на независноста на Бугарија, порача дека историскиот чин од 1908 година потсетува оти со трпение, разум, доследност и заеднички напори може да се постигнат значајни цели.
„22 септември 1908 година е незаборавен датум во нашиот национален календар, кој нè потсетува дека со трпение, разум, доследност и заеднички напори можеме да постигнеме многу“, наведе Јотова во објава на Фејсбук.
Таа се осврна и на Манифестот од 1908 година, потсетувајќи на зборовите на кнезот Фердинанд: „Бугарија треба да оди напред во својот културен и економски развој“.
Според Јотова, пораката од тој историски документ не ја загубила својата сила ниту денес.
„Големиот државнички чин од 1908 година е одговорност кон сегашноста и иднината“, истакна таа.
Јотова порача дека Бугарија и денес треба самоуверено да се афирмира како слободна и рамноправна држава, да го брани националното достоинство и самостојно да ја определува својата иднина.
„Од нашето единство, енергија и увереност зависи да ја изградиме Бугарија како наш сигурен и просперитетен дом“, наведе Јотова во честитката по повод празникот.

