Бугарски пратеник му пиша на комесарот за човекови права на Советот на Европа за случајот со Христијан Пендиков
Бугарскиот пратеник и член на бугарската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Стефан Арсов, испратил писмо до комесарот за човекови права на Советот на Европа, д-р Мајкл О’Флаерти, во врска со ослободувањето од обвинение на Борче Ангелов и Илија Спасески во судскиот процес за нападот врз Христијан Пендиков во Охрид, јавува БНТ.
Арсов го повикал комесарот за човекови права да му посвети посебно внимание на случајот, како и на, како што наведува, случаите на злосторства од омраза врз Бугари во Република Северна Македонија кои остануваат неказнети.
Во писмото, бугарскиот пратеник потсетува на нападот врз Пендиков на 19 јануари 2023 година, за кој тврди дека бил извршен поради неговото бугарско потекло. Пендиков во тоа време бил секретар на Бугарскиот културен клуб во Охрид.
Како последица од нападот, Пендиков се здобил со повеќе тешки повреди и бил пренесен на лекување во Военомедицинската академија во Софија.
По првичните затворски казни од по осум месеци, предметот бил вратен на повторно судење. На 22 октомври 2026 година Основниот суд во Охрид ги отфрлил обвиненијата против Борче Ангелов и Илија Спасески.
Во писмото Арсов се повикува и на ставот на бугарското Министерство за надворешни работи, според кое уште едно неказнето злосторство од омраза врз етнички Бугарин го продлабочува чувството на неказнивост и отвора прашања за напредокот на земјата на патот кон европската интеграција.
