Бугарскиот главен град Софија е меѓу финалистите за Европска престолнина на туризмот 2027
Софија е меѓу осумте финалисти на конкурсот „Европски престолнини на туризмот 2027“, откако беше избрана меѓу 43 кандидатури од 18 држави, соопшти Општина Софија, пренесува БГНЕС.
Бугарската престолнина е еден од двата главни града што стигнаа до финалето во категоријата за градови со повеќе од 100.000 жители. Кандидатурите се оценуваат според четири области: пристапност, одржливост, дигитализација и културно наследство и креативност.
Кандидатурата на Софија е подготвена од Општинското претпријатие „Туризам“ – Visit Sofia, а концептот е насловен „Capital of Proximity“ – „Престолнина на близината“.
„Софија има свој карактер и своја историја што вреди да бидат раскажани. Ме радува што за првпат сме меѓу финалистите“, изјави градоначалникот Васил Терзиев.
Финалистите ќе ги претстават своите кандидатури пред европското жири на 18 и 19 ноември 2026 година во Брисел, по што ќе бидат избрани двата града што ќе ја носат титулата „Европска престолнина на туризмот 2027“.
Во 2025 година во Софија биле регистрирани 1.377.544 туристи со 3.060.923 ноќевања, што е раст од 9, односно 6 проценти во однос на 2024 година.

