ММФ: Земјите кандидатки за ЕУ можат да го зголемат животниот стандард до 35% за 10 години
Земјите кандидатки за членство во Европската Унија можат да го зголемат бруто-домашниот производ по жител за 30 до 35 отсто во период од една деценија, покажува нова анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), презентирана во Брисел од управната директорка на институцијата, Кристалина Георгиева, јавува БНТ.
„Потенцијалната награда е голема“, изјави Георгиева на настан организиран од Центарот за европски политички студии. Таа потсети дека при претходните проширувања на ЕУ, БДП по жител во регионите што се приклучиле кон Унијата пораснал за повеќе од 30 отсто во рок од една деценија во споредба со слични региони надвор од ЕУ.
Според новата анализа на ММФ, земјите кандидатки можат да постигнат слични резултати и да го зголемат БДП по жител за 30 до 35 отсто во текот на десет години.
Георгиева нагласи дека за такво подобрување на животниот стандард земјите кандидатки треба да спроведат амбициозни домашни реформи, додека ЕУ треба да обезбеди соодветна поддршка.
Околу две третини од вкупните придобивки од членството во ЕУ, според неа, произлегуваат од повисоката продуктивност.
„Членството во ЕУ само по себе не води автоматски до зголемување на продуктивноста. Таа мора да се постигне“, рече Георгиева.
Анализата на ММФ издвојува три меѓусебно поврзани фактори за економско приближување – домашни реформи засновани врз законодавството на ЕУ, пристап до единствениот пазар и ефикасно користење на европското финансирање. Според основната проценка на Фондот, секој од овие фактори учествува со приближно една третина во потенцијалните придобивки.
Георгиева посочи дека доброто управување има клучно значење, бидејќи подобрите институции ја намалуваат неизвесноста, ги поттикнуваат инвестициите, ја зголемуваат ефикасноста на јавните расходи и им помагаат на компаниите да ги искористат можностите од европската интеграција.
Таа нагласи дека одговорноста не е само кај земјите кандидатки и дека придобивките од проширувањето ќе бидат поголеми доколку единствениот европски пазар биде подлабоко интегриран.
„Поголема Европа може да биде посилна, но ќе биде многу посилна ако е и подобро интегрирана“, изјави Георгиева.
Таа оцени дека во следните години се очекува кон ЕУ да се приклучат земји од Западен Балкан, Молдавија и Украина.
„Ако се преземат вистинските чекори, проширувањето може да обезбеди значителен и исклучително потребен поттик за растот во Европа – и за земјите кандидатки и за оние што веќе се дел од Унијата“, рече Георгиева.
Управната директорка на ММФ се осврна и на искуството на Бугарија со пристапувањето кон ЕУ, наведувајќи дека европската интеграција значително го подобрила животот на бугарските граѓани.
ММФ ќе го поддржува процесот на проширување преку политички совети и развој на институционалните капацитети. Георгиева најави дека за неколку недели во Рим ќе биде отворен нов центар за развој на капацитетите за земјите од Западен Балкан и Молдавија – SEETAC, кој ќе ја надополни работата на центарот на ММФ во Виена, што ја поддржува Украина.
